petel baner

Секоја година Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации  (ФАО), го одбележува Светскиот ден на храната на 16 октомври со цел да го одбележи основањето на Организацијата во 1945 година. Годинава се одбележуваат 75 години од нејзиното постоење, во еден исклучителен момент кога земјите ширум светот се справуваат со негативните ефекти на глобалната пандемија „Ковид-19″.

Повеќе од 150 земји во светот, вклучително и Северна Македонија, се приклучуваат во одбележување на овој ден со цел промовирање на глобалната свест и акција за оние кои страдаат од глад и за потребата да се обезбеди здрава исхрана за сите.

По повод Светскиот ден на храната, денеска, во Кинотека на Македонија, ФАО и Слоу фуд Водно го организираа првиот Филмски фестивал за храна „Трпеза филм фестивал”, под мотото „Да растеме, да се исхраниме, да се одржиме, заедно – Нашите дејства се нашата иднина”.

Преку неколку кратки, но и четири долгометражни документарни филмови, филмскиот фестивал за храна  ја испраќа пораката за важноста на локалните производители на храна, за зачувување на биодиверзитетот и за заштита на животната средина.  Репертоарот на филмскиот фестивал ги вклучува „На трпеза кај…Македонија” од Mирјана Момировиќ, „Езеро од јаболка” на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, „Приказната за Слоу Фуд” на Стефано Сардо и „Момчињата од Бароло” на Паоло Казалис и Тициано Гаја, како и неколку видео записи на ФАО во чиј фокус се важноста на зголемување на отпорноста и одржливоста на системите за храна и обезбедувањето на прифатлива и здрава исхрана за сите.

-Целта на „Трпеза филм фестивал” е едноставна: едукација на луѓето преку филмот – да почнат да размислуваат многу посуштински за храната и за изборот што секојдневно го прават, не само за себе, туку и за Планетата. Но, целта е и да се мотивираат, односно поттикнат продуцентите да ги документираат приказните на нашите локални производители кои и тоа како имаат што да кажат и да пренесат, истакна Марјан Костадиновски од Слоу Фуд Водно.

Во своето обраќање на настанот, резидентната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџак рече дека храната е суштината на животот и темел на нашите култури и заедници. Обезбедување сигурен пристап до безбедна и хранлива храна е и ќе продолжи да биде суштински дел од одговорот на КОВИД-19, особено за најсиромашните и најранливите кои се најтешко погодени од пандемијата и ќе бидат најмногу погодени од економските шокови како последица.

Набил Ганги, заменик-регионалниот претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, преку видео порака истакна дека во овие 75 години од основањето на ФАО, светот оствари голем напредок во борбата против сиромаштијата, гладот и лошата исхрана.

Agrobot

Тој посочи дека Светскиот ден на храната оваа година ги слави нашите херои во храната – земјоделците и работниците низ целиот прехранбен систем – кои дури и во исклучително тешки околности, како сегашната пандемија КОВИД-19, се грижат храната да стигне од фарма до трпеза.

Подвлече дека повеќе од кога било, потребно е владите, приватниот сектор, поединците да вложуваат во иновативни решенија, силни партнерства и системско дејствување за да ја донесеме храната до оние на кои им е потребна и да ја подобриме за оние што ја имаат.

Prostor za reklama na zemjodelie.mk

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа во својот поздравен говор на настанот истакна дека повеќе од било кога сме свесни за значењето и трудот на локалните производители на храна. Според него, обезбедување на квалитетна и безбедна храна е најважно, особено во вакви тешки услови, како пандемијата Ковид 19.

Тој истакна дека Република Северна Македонија, како дел од големото семејство на Обединетите Нации и членка на ФАО, ќе остане посветена на спроведување на проекти и програми чија цел е намалување на сиромаштијата и подобрување на стандардот на живеење на населението во руралните средини, а во насока на остварување на Целите за одржлив развој и пристапување кон Европската унија.

Годинешниот Светски ден на храната, повикува на силна акција за постигнување на целта #СветБезГлад и подобра исхрана до 2030 година, преку посилни партнерства и соработка во насока на трансформирање на нашите системи за храна, промена на начинот на кои ја произведуваме, обработуваме, консумираме и трошиме храната.

tigar.mk baner