Како се продава државно земјоделско земјиште, кој има предност и какви ограничувања важат по купувањето.
Се почесто се бара откуп на државно земјиште. Многу земјоделци што имаат државна нива под закуп сакаат таа конечно да биде нивна. Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост го овозможува тоа, но не со барање на шалтер, туку преку годишна програма и јавно наддавање.
Внимавајте на разликата: откупот на државно градежно земјиште покрај куќа е друга постапка, со друг закон.
- Државна земјоделска земја се продава само врз основа на годишна програма на Владата и јавен оглас со електронско наддавање.
- Постојниот закупец со важечки договор и уредно платени обврски има право на првенство при купување.
- Купената земја не смее 8 години да се продава, подарува, разменува или пренаменува во градежна.
Како се продава државна земјоделска нива
Продажбата се врши врз основа на годишна програма за продажба и одлука за продажба. Програмата ја донесува Владата, на предлог на министерот за земјоделство, најдоцна до 30 ноември во тековната година, за наредната година. Предлог-програмата претходно се става на јавен увид, а заинтересираните можат да даваат предлози и приговори.
Програмата ги содржи парцелите што ќе се продаваат, поделени на површини до 10 хектари и над 10 хектари, со катастарски податоци, информација дали се под закуп и максималната површина што може да ја купи едно лице.
Врз основа на одлуката на Владата, Министерството распишува јавен оглас за продажба со електронско јавно наддавање.
Кој може да купи
Сопственост на државно земјоделско земјиште не можат да стекнат странски физички и правни лица, освен ако со меѓународен договор не е одредено поинаку. Домашните учесници доставуваат документи според огласот. Физичките лица, меѓу другото, доставуваат доказ за државјанство и решение за регистриран вршител на земјоделска дејност или доказ за регистриран трговец поединец, како и банкарска гаранција или депозит за учество.
Кај продажба на површини над 50 хектари, услов се и минимален износ на инвестиции и минимален број вработувања во првите пет години.
Предноста на закупецот
Ако за нивата постои договор за закуп што е во сила, право на првенство на купување има постојниот закупец, под услов:
- уредно да ги исполнувал обврските од договорот;
- да ја платил целата закупнина;
- да нема неплатени јавни давачки;
- да има потврда од подрачната единица на Министерството дека нема долгови за закупнина, водарина, пашарина и слично.
Закупецот го остварува правото само ако учествувал во постапката со своја понуда. Тој што обработува државна нива без договор нема никаква предност.
Како тече наддавањето
Комисијата за продажба ги прима понудите и ја проверува документацијата. Ако нешто фали, учесниците се известуваат да го дополнат во рок од пет дена. Поканетите учесници се известуваат за времето на наддавањето најмалку 15 дена однапред.
Електронското наддавање почнува од почетната цена и трае најмалку 15 минути. Ако во последните две минути некој даде понуда, рокот се продолжува за уште две минути. Продажбата може да се спроведе и со само еден учесник, ако неговата понуда не е помала од почетната цена.
Плаќање на рати
Физичко лице може да ја плати цената одеднаш, на пет или на десет еднакви годишни рати. Начинот на плаќање се наведува уште во понудата. Првата рата се плаќа при склучувањето на договорот, а останатите во следните календарски години. Договорот со министерот се склучува во рок од 15 дена од правосилноста на одлуката за избор.
Што е забрането по купувањето
Договорот мора да содржи одредба дека купеното земјоделско земјиште осум години од склучувањето на договорот не смее да се продава, подарува, разменува со друго земјиште ниту да се пренаменува во градежно.
Ова е важно ако некој планира „да купи евтино и да препродаде“. Законот тоа го оневозможува.
Оранжерии и стопански двор
Посебно правило важи за државно земјиште под оранжерии, помошни објекти и стопански двор, евидентирано како технолошка целина. Тоа може да се продаде со непосредна спогодба на сопственикот на оранжеријата, односно на објектите, по пазарна вредност утврдена според методологија што ја донесува Владата.
Заклучок
Ако сакате да купите државна нива, првиот чекор е да проверите дали таа е во годишната програма за продажба. Ако веќе ја имате под закуп, платете ги сите обврски и чувајте ги потврдите, бидејќи тие ви ја даваат предноста. Законот е менуван повеќепати, па пред секој оглас прочитајте ги условите од самиот оглас.
📚 ПРОЧИТАЈТЕ И
Избрани текстови што директно ја дополнуваат темата.




























