Калемење на бостан. Еве како се прави тоа.
За да се дојде до квалитетен расад а потоа и до квалитетен производ, потребно е многу време и труд, како и посебна подготовка.
Притоа, една од најзначајните фази е калемење на бостан.
Таа почнува со засадување на таканаречени „лејки”. Тие, подоцна, на производителите им служат како основа за производство на расадот за бостан.
Целиот процес почнува со садење на лејките во саксии. Откако ќе дојдат во фаза на два листа, на сува површина и во посебни палети, се засадуваат семките од бостанот.
Доколку се е како што треба во периодот кога бостанот ќе порасне до три листа тој се калеми на подлогата од лејките. Активностите започнуваат со сечење на стеблото од лејката, која се остава само на два листа.
Потоа, таа се засекува, а во меѓувреме, во вид на клин, се засекува и коренот од бостанот. По ова, тој се прицврстува со конец или во последно време, со посебни штипки. Кога ќе заврши процесот на калемење, калемите се покриваат и се остават затворени два до три дена бидејќи како што велат производителите, директната светлина може да наштети врз самиот развој на растението.
После овие два до три дена, постепено, секое утро, се отвора површината се до моментот кога калемите ќе закрепнат. Според долгогодишното искуство на производителите откако ќе бидат сигурни дека се поминало како што треба, се преминува кон секојдневното проветрување со цел да се избегне појавата на пламеница.
Расадувањето на постојаното место почнува во периодот кога калемениот бостан ќе дојде на големина од четири до пет листа. Искуството покажало дека калемењето е многу важно бидејќи бостанот добива подлога односно основа со многу посилен коренов систем.
Подлогата од лејката е далеку поотпорна на површините каде што се сади со што се намалува и можноста за појава на одредени болести.
Отпорна е на суша и на болести. Воедно се добива и многу подобро производство далеку подобар квалитет и поголеми приноси во однос кога бостанот се сади директно без примена на калеми.
За повеќе корисни стории посетете ја страната на zemjodelie.mk, како и Земјоделските групи на Facebook и Viber.