Загрижени одгледувачите на добиток во Баварија. Најавена е пониска цена за млекото од крави кои се одгледуваат врзани во шталите. Разликата во цената на млекото оди до 6,5 евроценти за литар. Некои млекарници воопшто не сакаат да го преработуваат млекото доколку доаѓа од крави кои се чуваат врзани.
Благосостојба на животните – е израз што сè повеќе се користи кога се зборува за добиток, или одржлив систем на храна. Тоа е дел од стратегијата „Од поле до маса“ на Европскиот зелен план .
Забрана за поставување кафези, убивање на машки пилиња по ведење, колење животни според религиозни правила, транспорт на добиток со брод. Ова се само некои од феномените во овој сектор кои би можеле да станат минато за само неколку години.
Исто така, дојде на ред и забрана за начинот на чување на врзани говеда, што се смета за застарено во Германија, бидејќи не се вклопува во сликата за благосостојба на животните. Во таа земја одредени млекарници, даваат пониска цена на млекото доколку доаѓа од животни одгледувани на овој начин.
Казнети со пониска цена?
На пример, баварската млекарница Berchtesgadener Land дава два евроцента помалку на литар млеко од кравите врзани во штала, но исто така ги наградува оние чии животни пасат, со 3,5 центи повеќе. Овој месец тие ја зголемија цената за еден цент, но не и за млекото од врзаните крави.
Треба да се напомене дека откупната цена во таа земја е 35 центи за литар, поради што земјоделците оваа есен беа на улиците.
Ова не е единствената ваква млекарница. Постојат многу такви примери во тој дел на Германија, а разликата оди до 6,5 евроценти на литар. Млекарата Бауер дојде до точка кога повеќе не сакаат да преработуваат млеко од фарми што чуваат крави на тој начин. Тие сè уште го купуваат, но го препродаваат.
Како се случи ова?
Цената ја диктираат клиентите
Притисокот доаѓа од продавачите на прехрамбени производи, односно од купувачите. ” Сè повеќе клиенти обрнуваат внимание од каде потекнува млекото или месото. Ние мора да им се покоруваме на нивните желби” , изјави Бернд Олман од Баварското здружение на мали трговци.
Имено, покрај содржината на млечни маснотии, хранливите вредности и рокот на траење, прехранбените производи сè повеќе може да се најдат со натписи за тоа како е одгледано животното, на пример, дали било пасено или имало пристап до природната средина низ целата година.
Поради сето ова, земјоделците, јасно, се чувствуваат загрозени и несигурни затоа што досега ниту една баварска млекарница не утврдила колку долго ќе купува млеко од оние чии крави се врзани во текот на целата година.
Како да инвестирате во нови капацитети?
Производителите кои се членови на задруги се во малку поповолна состојба затоа што тие имаат обврска да купуваат од нив. Во исто време, здружението на приватни млекари поддржува програми за советување за земјоделците, кои ги едуцираат за тоа како да ги прилагодат шталите на новонастанатата ситуација. Тие претпоставуваат дека во следните пет до осум години овој метод на одгледување во Баварија повеќе нема да се користи.
Но, проблемот е што таквите земјоделци со сегашната откупна цена не можат да инвестираат во нови капацитети и таков начин на одгледување. „ Цените на млекото се исти како пред 30 или 40 години, а трошоците за изградба се зголемија три до четири пати “.
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката Агро вести, како и нашите групи на Facebook и Viber.