Куртовска капија е црвена, силна и компактна. Се карактеризира со висок раст и висечки плодови. Најупотребувана пиперка за ајвар.
Плодот е долг со интензивна црвена боја при биолошка зрелост, голем и густ перикарп. Оваа пиперка е темно зелена по технолошка зрелост. Што се однесува до зреењето, пиперката куртовска капија припаѓа на доцните сорти. Многу е вкусна и родна. Ова е најдобрата пиперка за ајвар, а приносите се движат до 30 т/ха.
Сеидба
Кога станува збор за Куртовска капија, сеидбата се врши кон крајот на март. За да никне брзо и правилно, потребна е топлина и влага во почвата. Од таа причина најдобро е да одгледувате куртовка во расадник каде што ќе ги обезбедите сите потребни услови.
Користете сијалица за да ги загревате растенијата преку целиот ден и ноќ. Идеално, треба да никне за 10-15 дена. Кога треба да го посеете семето во расадникот, се препорачува 4 дена пред сеидбата да ставите семки од пиперка во млак чај од камилица и потоа да го посеете во плитки леи.
Расадување
Садниците од пиперката треба да се калат односно потребно е најмалку една недела да бидат изложени на природни услови (директна сончева светлина, студени ноќи, дожд, ветер итн.).
Пресадувањето треба да се врши по дожд, во облачно време. Ако садниците се одгледуваат во контејнери, тие можат да се садат и на топло и на сончево време. За превентивни цели, растенијата треба да се испрскаат со бакар и системски инсектицид додека се уште се во леите. Обилно наводнување треба да се врши ден пред кубењето.
Доколку расадување на пиперката се врши во заштитен простор, нема потреба од калење. Ископајте дупки за садење, полевајте ги и потоа засадете ги садниците во калта. По садењето, веднаш следи наводнување. Младите растенија треба да се третираат внимателно. Длабочината на садење е до првите листови на стеблото, а се прави на 50 × 25 cm по растение.
Одгледување и грижа
По никнувањето на растенијата, пресадувањето се врши во средината на мај на добро оплодена почва, која е песоклива и растресита, со растојание од 50 × 25 cm. Се препорачува да се постават 2-3 садници заедно, бидејќи тие подобро напредуваат кога ќе се стават заедно.
Приносите се очекуваат во август и септември. Пиперките бараат висока и постојана температура и влажност на почвата. Оптималната температура за никнење е 25-30 °C. Пиперките треба редовно да се полеваат.
Како се користи за јадење
Куртовска капија е најдобрата пиперка за ајвар. Прво се мие, па се цеди, па се пече, се лупи, се цеди и се меле, па се прелива со загреано масло и се пржи неколку часа. Ама вие тоа веќе си го знаете. 😊
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката Агро совети, како и нашите социјални мрежи Facebook и Viber.