Земјоделците од Село Беровци ја бранат својата земја – Земјоделците од Село Беровци се под закана да го изгубат своето најквалитетно земјоделско земјиште и нивниот опстанок да биде загрозен.
Дали владата некогаш ќе застане на страната на Земјоделците останува да видиме?
300 декари најплодно земјоделско земјиште во прилепско Беровци без никаква логика и потреба ќе се одземат од локалните земјоделци и ќе се покријат со асвалт.
Жителите од Село Беровци ни го испратија ова нивно барање и апел до надлежните кое го објавуваме во целост со јасна намера да застанеме во нивна поддршка.
Ви се обраќам од името на 103 семејства или 400 тина жители од населеното место Беровци кои се подписници на петицијата против најавената експропријација од страна на Бехтел и Енка изведувачот на автопатот Прилеп – Битола, на 30 хектари првокласно земјоделско земјиште од кое практично егзистира целата наша заедница.
Апсурдот на оваа бизарна намера е на ова високо квалитетно земјиште во непосредна близина на селото што ни живот значи, да направат, како што не известија: паркиралишта за механизација, бараки за работници од странство и асвалтни бази.
Внимавајте, земјиштето што планираат да го експроприираат воопшто не се наоѓа на трасата на автопатот!!!
Апсурдот да биде без преседан, планираат да ни одземат приватно земјиште од кои живееме за несуштинска намена (паркинг, бараки), а во непосредна близина има огромни неискористени парцели на државно земјиште со стотици хектари.
Зошто едноставно Бехтел и Енка своите планови не ги реализира на неискористеното државно земјиште, кое повторуваме е во непосредна близина?
Почитувани, можеби Бехтел и Енка тоа не го знае или можеби воопшто не им е грижа за опстанокот на локалното население, но очекуваме Македонските државни институции и локалната самоуправа да реагираат во насока на корекција на овој апсурд во најава, додека штетата се уште не е направена, бидејќи има сосема логично решение на овој проблем од кој ќе бидат задоволени интересите на сите страни.
Затоа со оваа петиција што ја доставуваме до сите инстанци и медиуми предупредуваме дека нема да дозволиме да ни се загрози егзистенцијата и нема да дозволиме реализација на ваква небулозно решение.
Нудиме конкретно решение на проблемот, им ги посочивме празните државни парцели каде што Бехтел и Енка без да ја загрози егзистенцијата на локалното население а државата без да плаќа експропријација на приватно земјиште, можат несметано да си ги обавуваат активностите.
Изградбата на патишта е јавен интерес, но нема повисок јавен интерес од опстанокот на населението, посебно кога е загрозено од вакви апсурдни и нерационални закани, за кои има сосема едноставни решенија.
Земјоделците од Село Беровци ја бранат својата земја.
Ви благодариме и ги молиме медиумите за поддршка и коректни известувања.
Придружете се на нашата заедница на Вибер, Телеграм, Фејсбук бидете дел од најголемето земјоделско семејство во кое сте секогаш добредојдени.
Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK