Сеидба на пченка – Пченката треба да се одгледува во плодоред. Плодоредот како огромерка во интензивното производство овозможува ефикасна борба против плевелите, штетниците и болестите.
Пченката како окопна култура може со успех да се одгледува по секоја култура, до колку интензивно се ѓубри и се наводнува.
Основната обработка треба да се изврши на длабочина од 30-40 см до Октомври, но доколку постојат услови за обработка во текот на зимата подобро е таа да се изврши, отколку да се остави за пролет.
До колку од оправдани причини се врши во пролет, треба да се пристапи што порано, штом се потсуши почвата и истата се ора поплитко.
Ѓубрењето е важна мерка во производството на пченката бидеќи таа произведува голема количина на органска маса. Минералното ѓубривo се користи како основно, стартно и за прихранување.
За принос на хибридната пченка од 1о т/ха, во почвата треба да се внесат во вид на ѓубриво следните количини на основните хранива: Азот 120-180 кг/ха, Фосфор 70-120 кг/ха и Калиум 40-120 кг/ха. Дали ќе се внеси помала или поголема количина, зависи од многу фактори а особено од типот на почвата, што значи потребно е да се направи анализа на почвата.
Основното ѓубрење се врши пред орањето, а стартното за време на предсеидбената обработка.
Целокупната количина на фосфор, калиум и дел од азотот, или 60-70% од овие ѓубрива се внесуваат пред орањето, а помал дел за време на предсеидбената обработка.
Остатокот од азотот се внесува со предсеидбената обработка и со прихранувањето.
За да се изврши сеидбата квалитетно, потребно е навремено и квалитетно да се изврши предсеидбената обработка. Почвата треба да е добро иситнета и рамна.
Сеидба на пченка
Придружете се во нашата заедница на Земјоделие.мк на Вибер, Телеграм, Фејсбук бидете дел од најголемето земјоделско семејство во кое сте секогаш добредојдени.
Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK