Тел: +38975383796 Е-пошта [email protected]

-2.2 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024

More
    домаАгро ВестиМакедонски ергени и Албански моми

    Македонски ергени и Албански моми

    petel baner

    Околу две илјади постари македонски ергени последните пет-шест години својата среќа ја побараа во Албанија. Тоа им беше последната шанса да формираат свои семејства и да имаат деца, да не го завршат животот како самци. Повеќето од нив се оженија со млади Албанки и денес среќно живеат со нив. Меѓу нив има професори, дипломирани правници, инженери. Речиси нема место во западниот дел на Македонија каде што нема да сретнете такви бракови. Во ист ден пет братучетки од околината на Скадар свија семејни гнезда во битолските села, а три сестри од Кашњец станаа македонски невести – едната се омажи во Македонски Брод, другата во Кичево, а третата во Самоков.

    Вакви бракови најмногу има во прилепските села, во Битолско, Тетовско, Кичевско, Демирхисарско, Струшко, Бродско… Кој прв ја завлече ногата и реши да побара невеста кај нашиот западен сосед не се знае. Никој не знае да ја каже ниту точната бројка на младите Албанки што ги усреќија македонските ергени. Некои ја споменуваат бројката од 1.000 до 1.500, други тврдат дека таа изнесува околу 2.000, а трети претпоставуваат дека е поголема и е близу 3.000. Но, едно се знае со сигурност, автобусот кој сообраќа на линија Тетово – Тирана и со кој повеќемина македонски ергени тргнаа и се’ уште патуваат по идните брачни сопатнички во Албанија им донесе многу среќа.

    Otkup na kompiri

    ЧОВЕКОТ А НЕ ГОДИНИТЕ Зоран Јанчевски е еден од македонските ергени што е оженет со Албанка. Тој проценува дека до сега се склучени околу 2.000 такви брака. Јанчески е од селото Беровци, а има куќа и во Прилеп. Вели дека долги години ергенувал, а кога се решил да се ожени, не можел да најде девојка во Македонија. Им понудил брак на неколку моми, сите го условувале со нешто, а една побарала да не живее со родителите. „Услови за живот имав, ама тука не можев да си ја најдам среќата. Една моја братучеда, која е омажена во Тетово и има девер оженет со Албанка, ми се јави еден ден и ми рече дека може да ми помогне да најдам невеста во Албанија. И така се оженив за два месеца за Виолета, која тогаш имаше 21 година, а јас 37“, раскажува тој и додава дека таму не се гледало во годините, туку во човекот.

    Јанчески со својата сопруга Виолета, која кога го водевме разговорот во неговиот дом во Прилеп беше кај нејзините во Албанија, помогнале да се оженат дваесетина македонски ергени, чии бракови, како што вели, се среќни. Тој објаснува дека македонските кандидати за женидба, кои се решиле преку граница да ја побараат среќата, главно, се постари ергени меѓу 37 и 50 години, а девојките од Албанија се многу помлади, меѓу 20 и 25 години. Албанските девојки се решавале да се омажат во Македонија од неколку причини. Тие, пред се’, живееле во зафрлени и многу сиромашни места каде што девојката што немала да се омажи до 21-22 година се сметала за престарена и поради тоа тешко наоѓала тамошно момче. А, пак, ако навршела 24-25 години, ги губела сите шанси да се омажи за Албанец.

    ПРЕДРАСУДИТЕ ПРЕЧКА Во Прилепско најмногу албански невести има во Врбјани, во Големо и во Мало Коњари, и во Ропотово. Повеќе Албанки се омажени и во Прилеп. Многу такви бракови има и во битолските села Српци, во Беранци, во Гермијан и во Могила. Речиси нема село во западниот дел на Македонија во кое не е омажена албанска девојка. „Благодарение на браковите со Албанки, се намалија и ергените во селата. Главно, останати се само оние што престареле и кои тешко се решаваат за брак. Но, има и такви ергени кои се’ уште не ги надминале предрасудите и не сакаат да се женат со Албанки, велејќи дека тие не се од нивната вера. Тие и не знаат дека нивната и нашата вера се исти. Ергените на кои им помогнав да се оженат во Албанија беа меѓу 38 и 42 години, но имаше и такви кои имаа навршено 47-48 години“, раскажува Јанчески.

    Ретко се случува бракот меѓу Македонец и Албанка да не успее. Според Јанчески, и во таквите случаи најчесто биле виновни мажите, кои не можеле да се одвикнат од старите навики, продолжувајќи да го живеат истиот живот пред женидбата, да се пијанат и коцкаат и да остануваат со старото ергенско друштво до доцните вечерни часови. Некои се однесувале дури и насилнички кон своите невести дојдени од далеку.

    ергени
    Доника во куќата на Тони Милески во Секирци донесе свежина и среќа, по три години брак им се роди син кој го смени целиот живот на семејството и ги подмлади мајката и таткото на Тони

    ОД ГРАД В СЕЛО Тони Милески од прилепското село Секирци е дипломиран правник. Своевремено барал работа по струката, но не нашол, па останал на село. Невестата Доника е од гратчето Мамурас, четириесетина километри од Тирана. Се запознале со стројници и се зеле на 15 март 2005 година. Таа имала 33, а Тони 42 години.

    „Еден мој познајник од соседното село Црнилиште е оженет со Албанка, која било комшика со Доника. Биле иста генерација, заедно оделе на училиште и работеле во некое стопанство. Кога се решив да се оженам, сеедно ми беше од каде ќе е невестата. Ми предложија да ја побарам среќата во Албанија и се согласив. Едно утро тргнавме за Албанија и стасавме во Мамурас каде што се видовме со Доника. Да бидам искрен, ме бендиса, ја зедов со ќеф, греота е да лажам. Јас не отидов да барам кралица. Таа си ја носеше својата, а јас мојата убавина“, вели Тони и гледа во Доника, која не’ послужува со кафе и ракија.

    Доника во куќата на Милески донесе свежина и среќа. По три години, им се роди син кој го смени целиот живот на семејството и ги подмлади мајката и таткото на Тони. „Тоа е судбина, среќа. Решивме да се земеме по првото видување“, вели Доника. Ја прашуваме како се реши од град да дојде в село. „Ми рекоа дека имаат куќа и во Прилеп и на село. Тоа беше првата лага што ја слушнав од стројникот“, вели Доника и се смее. Подоцна видела дека Тони во Прилеп навистина имал плац, но на него биле удрени само темелите на куќа, па така сиве овие години живеат на село. „Имам завршено две средни училишта – агрономско и трговско, со сите петки, но немам работа. Поради тоа ми е тешко. Јас сакам да работам по струката. Сепак, на седам така. В поле не работам, ама дома си нижам и пеглам тутун, месам леб и се’ што треба низ куќава“, вели таа.

    ергени
    Трајче и Шќипе Премчевски се во брак повеќе од четири години. Кога се ожениле, Шќипе имала 23 години, а Трајче бил постар од неа 13 години. Имаат ќерка и син

    ФРАНЦУСКИ ЗА РАЗБИРАЊЕ Кога дошла во Секирци и’ било најтешко. „Не знаев да речам ни а ни бе. Тони и јас по малку знаевме француски и така се разбиравме. По три месеци ми беше полесно, разбирам и почнав да зборувам македонски“, додава Доника, која го говори течно македонскиот јазик, а научи и да пишува. Ја прашуваме во моментите кога првпат го видела Тони што си помислила, дали и’ се бендисал. „Беше малку темница, а и тој малку подебел отсега. Сега наместо него, јадам јас“, вели таа и се смее. Ни објаснува дека откако се омажила за Тони, се поправила и го загубила изгледот на стројна и вита девојка. Додека ја слушаме како раскажува, ни остава силен впечаток со ведрата природа и храброста да ја каже сета вистина за нејзиниот живот во Македонија.

    „Јас овде дојдов за подобар живот, да работам, а не да седам. Мене ми е многу жал да имам завршено училиште со сите петки, а да седам дома, а Тони со Правен факултет да чува стока. Не е ова живот да чекаш на парите од тутунот, да живееш на грбот на остарените родители на Тони“, вели револтирано Доника.

    Семејството Милевски има педесетина овци и годишно произведува околу 1.000 килограми тутун од кој годишно заработуваат околу 2.000 евра. Доника и Тони често одат во Албанија кај нејзините. Пред Нова година цел месец била таму. А и татко и’, мајка и’ и сестрите доаѓале тука на секој два месеца. Браќата работеле во Грција. 

    ТРИЕСЕТ ЕРГЕНИ Во Секирци се омажени уште три Албанки. Во некои села има повеќе, најмногу во Ропотово 11-12 и во Пешталево 7-8. Албански невести има и во Сливје, Долгец, Црнилиште, Браилово, Долнени, Костинци. Доника ги посетува некои од нив, а и тие доаѓаат кај неа. Таа вели дека има албански невести на кои не им дозволуваат да шетаат, дека нивните свекрви не ги пуштале да се дружат со нив. „Јас сум слободна, немам никаков проблем, можам да одам каде сакам“, раскажува таа и гледа во Тони.

    Секирци има околу 300 жители. Моментно нема ниту една девојка, а околу триесет ергени, што е малку во споредба со Кривогаштани каде што имало повеќе од стотина. „Имам братучеди за мажење, ама се плашам да ги доведам тука за да се омажат, зашто мислам дека овде во селово само неколку ергени заслужуваат да имаат жени“, вели таа, критикувајќи го начинот на кој живеат ергените во Секирци. Таа објаснува дека и кај нив во Мамурас девојка ако наврши 24-25 години, се смета за престарена. Признава дека поради тоа што ја поминала таа граница се омажила во Македонија. „Во Албанија има многу девојки, а овде многу ергени. Тамошните ергени си заминаа во странство, најмногу во Италија и во Грција, каде што некои и се оженија“, раскажува Доника. 

    ТРИ СЕСТРИ Од општината Македонски Брод околу педесет постари ергени се оженија со Албанки, најмногу од Самоков во чија околина има околу 200 постари ергени. Трајче и Шќипе Премчевски се во брак повеќе од четири години. Шќипе е од околината на Скадар. И тие се запознале преку стројници од Тетово. Се бендисале на прв поглед. По два месеца, откако биле готови документите во Албанија, дошле во Македонија. Таму направиле и свадба. На свадбата Трајче отишол сам само со стројниците. Свадба дома не направил, немал пари. Пред да се оженат, дошол нејзиниот татко за да види каде ќе се омажи неговата ќерка, па потоа го дале зборот. Имаат ќерка и син. Ќерката Милена има три и пол години, а Антонио две и пол. Шќипе е задоволна од животот во Самоков. Вели дека е ист како и во нејзиното село Кашњец. Кога се омажила, имала 23 години, а Трајче бил постар од неа 13 години. Трајче работел во фабриката „Сувенир“, но како и сите останал без работа. Живеат со 3.000 денари социјална помош. Трајче бере костени во неговото родно село Звечан, а ако е добра годината, може да набере и по околу 2 тони. Собира и печурки. За нив „Сувенир“ е единствената надеж, посебно сега откако им се родија деца. „Очекуваме да проработи ’Сувенир‘. Има надеж да се отвори текстилен погон, во кој може да работи Шќипе. Барем еден од нас двајца да работи. Ако не најдеме работа, ќе ни биде многу тешко“, се жали Трајче.

    БАРААТ СИГУРНОСТ Често заедно одат кај нејзините во Албанија и остануваат по еден месец. Браќата на Шќипе работат во Грција, а двете сестри се омажени во Македонија, едната во Кичево, а другата во Македонски Брод. Ја прашуваме зошто Албанките се мажат во Македонија. И од неа ја слушавме познатата вистина дека таму има повеќе девојки од момчиња, бидејќи албанските ергени си заминувале во странство, каде што и се женеле.

    Во Самоков има омажено 15-16 Албанки. Шќипе е првата што дошла во ова прекрасно место. Вели дека во нејзиниот крај имало уште многу девојки за мажење, но во последно време потешко се решавале да дојдат во Македонија. „И тие бараат некаква сигурност, а овде луѓето се без работа. Прво прашуваат дали ергенот има работа, дали има убава куќа. Тогаш кога се зедовме, Трајче имаше работа и добра куќа и така се решив да се омажам за него“, вели Шќипе.

    Десетминутно бендисување на ергенот и девојката

    ергени

    Кога ќе стасаме таму, ергените ги запознаваме со две-три девојки и тој решава која ќе ја земе, вели Зоран Јанчески со сопругата Виолета и ќерката Анастасија

    Повеќето девојки омажени во Македонија се од местата во близина на Скадар, од зафрлените села во северна Албанија, од околината на Лежа и Пука, каде што, според Зоран Јанчески, немало услови за живеење. „Тие се патријархално воспитани. Меѓу нив има и со завршено средно образование, некои таму се и вработени“, вели тој. Зоран во Албанија има свој човек, Албанец, кој работи во тие краишта и им помага на тамошните девојки да се омажат за македонските ергени.

    На првата средба стројниците им објаснувале на родителите на девојката што има ергенот во Македонија, каде живее, дали има куќа, дали работи, колкав е неговиот имот. „Кога ќе стасаме таму, ергените ги запознаваме со две-три девојки и тој решава која ќе ја земе“, раскажува Јанчески. Не се случило да шетаат на повеќе места за да ја најдат девојка што ќе му прилегне на срцето на ергенот. Најчесто ако едната девојка не му се бендиса, другата или третата станува негова сопруга. Меѓутоа, и девојките избирале, ако некоја не го бендисала ергенот, не се согласувала и чекала друга прилика.

    „Бендисувањето не трае многу, не повеќе од десетина минути. Како што се вели, тоа е љубов на прв поглед. Во сите работи околу склопувањето на бракот учествуваат родителите на девојката, а нивниот збор понекогаш може да биде пресуден“, вели Јанчевски. Пред да се даде зборот, татковците или браќата на некои од девојките доаѓале во Македонија за да се уверат дали е вистина тоа што го кажуваат стројниците. Потоа се завршувале сите формалности околу регистрацијата на бракот кои не траеле повеќе од два месеца. За тоа дека родителите имале главен збор за избраникот на девојката Зоран го посочува неговиот случај. За време на бендисувањето, сопругата Виолета не сакала да се омажи за него, но откако нејзината мајка категорично и’ рекла ’овој ќе биди и никој друг‘, се согласила. Иако Виолета е помлада од Зоран 16 години, тоа не им пречи среќно да живеат во Прилеп во семејната куќа. Од нивната љубов се роди ќеркичка Анастасија, која има една и пол година.

    Работливи, добри домаќинки, врзани за семејството

    ергени

    Патувањето по невестата започнува од местото на ергенот. Заедно со стројникот се патува со автобус, поретко со автомобил, преку граничниот премин Ќафасан на македонско-албанската граница, кај Струга. Откако ќе влезеле во Албанија, патувале преку Драч, а оттаму по магистралата крај Јадранско Море за Скадар. Се’ на се’, требало да се поминат околу 450 километри. Македонскиот ерген на албанската девојка со која се бендисале и подарувал свршенички прстен и часовник, а потоа се вадел документи за доаѓање во Македонија. Откако ќе им јавел од Албанија дека тие се готови, се ангажира помало комбе и се одело по невестата. Зетот облекувал костум и ставал вратоврска за свадбата што ја организираат домашните на невестата. На неа покрај зетот и стројниците, понекогаш присуствувале и неговиот татко, браќата или сестрите. Откако ќе завршеле сите церемонии, заедно со невестата тргнувало за Македонија. За време на патувањето, задолжително застанувале крај Јадранско Море да се фотографираат за спомен од женидбата. По враќањето, домашните на ергенот организирале веселба за своите роднини и пријатели, на која присуствувале таткото, мајката и браќата на невестата.

    Зоран вели дека семејствата на невестите се многу гостопримливи и секогаш добро ги пречекуваат. Албанските невести се од католичка вероисповед и не им пречи што македонските ергени се православни. Во почетокот најголем проблем бил меѓусебното комуницирање, зашто ергените знаат само македонски, а девојките само албански јазик. Откако ќе се омажат, Албанките за кусо време го научуваат македонски јазик, а има ергени кои учат албански. Инаку, за албанските невести во Македонија има високо мислење, зашто тие се многу работливи, добри домаќинки и цврсто врзани за семејството.

    Светски ТВ-куќи се интересираат за нивниот брак

    ергени

    Овчарот Славе од демирхисарското село Радово со години бараше сопатничка во Македонија и со неа да го сподели животот во планина. Откако не успеа да убеди ниту една девојка од својот крај, на 44 години замина во Албанија и таму ја пронајде 22-годишната Ангела, со која му го враќаат животот на одамна запустеното село. Кога се роди нивната Јасмина, по 35 години во Радово се слушна плач на дете, а во април очекуваат второ бебе.

    Среќни се што се заедно во планината, иако кога ќе паднат снеговите остануваат отсечени од светот понекогаш и со месеци. Тогаш младата Ангела се дружи со неколкуте старички од селото кои решиле својот живот да го завршат во местото од кое заминале кога биле млади, а Славе со своите постари браќа кои се’ уште не нашле свои сопатнички.

    Ни Славе ни Ангела не размислуваат да го напуштат Радово и нивната иднина ја гледаат во планината. Тогаш кога ќе стасаат децата за на училиште, планираат да купат стан во Демир Хисар. Ангела ќе биде со нив додека се на училиште и секој петок ќе си доаѓаат во селото. Имаат 100 овци, а кога децата ќе потпораснат, и Ангела ќе има помалку работа околу нив ќе го зголемат стадото за да заработат пари за станот.

    agrounik

    Заразен е оптимизмот на Славе, кој вели дека од планината може добро да се живее, дека таа дава многу ако сакаш да работиш. „Со сиот ќеф седам овде, ќе направам уште една куќа. Парите што ќе ги вложам овде не ги жалам. Тука е убавината“, вели тој.

    Големата храброст на Славе и Ангела судбински да се врзат во планината беше голем предизвик на една позната италјанска продуцентска куќа која ќе сними документарен филм за нив и за македонските ергени кои патуваат во Албанија по невести.  

    Prostor za reklama na zemjodelie.mk

    текст на:ВИКТОР ЦВЕТАНОСКИ
    фотографии на : АНДРЕЈ ГИНОВСКИ

    За повеќе корисни стории посетете ја страната на zemjodelie.mk, како и Земјоделските групи на Facebook и Viber.

    Само Рурално

    tigar.mk baner
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img