Виновата лоза ја напаѓаат голем број болести и штетници, кои се во состојба да го уништат целото производството.
Пламеница и пепелница се најопасни и најчести болести кои ја напаѓаат виновата лоза.
Најзначајни болести на виновата лоза кои предизвикуваат значајни економски штети и против кои редовно мора да се преземат мерки за нивно сузбивање се пламеница и пепелница, сиво гниење, црна дамкавост, црно гниење.
Од штетните инсекти во наши услови од најголемо значење се гроздовите молци, цикадите кои се познати и како вектори на фитоплазми, трипсите кои осебно причинуваат штети кај трпезните сорти на грозје, штитестите вошки
Пламеница на винова лоза
Пламеницата на виновата лоза е болест која може да нанесе големи штети во производството на грозје.
Причинителот на пламеница во наши услови се јавува скоро секоја година. Предизвикува поголеми или помали штети, во зависност од климатските услови, но и од преземените мерки за нејзино сузбивање.
Ги напаѓа сите зелени делови на виновата лоза: листовите, младите ластари, цветовите, петелката, витиците и зрната.
Оваа болест најмногу ги зафаќа листовите. Тие се најосетливи во фаза на интензивен пораст (крај на мај и почеток на јуни) и повторно при крај на вегетацијата во фаза на зреење (август и септември).
На листовите се јавуваат светлозелени до жолти зони, таканаречени маслени дамки. Тие постепено се зголемуваат и достигнуваат во дијаметар од 1-3 cm. На опачината на листот во оквир на дамките во оптимални услови (ноќна температура над 12°C и RH на воздухот над 90%), се појавува бела превлака сочинета од конидиофори и конидии на паразитот.
Заразените листови се извор на зараза на останатите зелени органи. Цветовите може да бидат заразени и пред нивното отварање.
Во поволни услови на влажност и температура цветот, дел од цветот или цело соцветие, се прекриени со мицелсика превлака, тие некротизираат и пропаѓаат. Зрната може да бидат заразени од нивното формирање па до прошарок.
Сузбивањето на оваа болест се состои во примена на преветивни мерки. Како што се отстранување на заразените делови на лозата заради намалување на изворот на заразаи дренирање на почвата.
Сепак, хемиското сузбивање е најзначајна мерка во заштитата на лозата од оваа болест. Без соодветна примена на фунгициди извесни се и сигурни големи загуби во приносот.
Во фенофаза на интензивен пораст и во фенофаза пред и после цветање кога виновата лоза е најосетлива на инфекции неопходно е да се применуваат комбинирани контактни и системични фунгициди.
Пепелница на винова лоза
Пепелницата може да ги зарази сите зелени ткива на виновата лоза. Габата предизвикува пепеласто-сива до бела превлака на нападнатите растителни ткива, која ја сочинуваат мицелијата и конидиите на габата.
Од заразените окца од претходната година потеруваат така наречени „бели ластари” покриени со пепеласто-сива до бела превлака, со деформирани листови кои се свиткани нагоре. Листовите може да бидат заразени во сите стадиуми на развој, од штотуку отворени до потполно развиени.
Присуството на габата на листовите, најавува силен напад на гроздовите. Цветот може да биде нападнат уште пред неговото отварање.
Најзначајни се штетите на зрната. Тие може да бидат нападнати од нивното заврзување па се до прошарокот. По оплодувањето кога зрната ќе достигнат големина од 2-3 мм тие можат да бидат потполно покриени со пепеласта превлака од мицелија и оидиина габата.
Зрната изгледаат како да се покриени со пепел и од тука доаѓа и името пепелница. Доколку зрната се нападнати непосредно после цветањето, со карактеристичната превлака настануваат пукнатини на зрната. Сузбивањето на прицинителот на пепелница на виновата лоза се врши исклучиво со примена на фунгициди.
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката Агро совети, како и нашите социјални мрежи Facebook и Viber.