Тел: +38975383796 Е-пошта info@zemjodelie.mk

18.8 C
Skopje
Friday, April 26, 2024

More
    домаАгро советиКараман – македонско овчарско куче

    Караман – македонско овчарско куче

    petel baner

    По скоро еднодецениско набљудување на бачилата на македонските планини и по согледување на зачестената присутност на македонскиот караман во македонската народна литература, браќата Влатко и Марјан Костовски се нафатија на еден тежок и долготраен кинолошки проект – создавање исклучиво македонска раса на куче.

    Станува збор за македонското овчарско куче – Караман за кое, браќата Костовски, во својата прва книга под наслов Македонско овчарско куче – Караман, го напишаа стандардот за истоимената раса. Заради организирано зачувување на македонскиот караман, во 2004 год. се оформи Кинолошки клуб “Македонско овчарско куче – Караман” – Скопје кој потоа беше примен како полноправна членка во Кинолошкиот сојуз на Македонија.

    Кинолошки клуб “Македонско овчарско куче – Караман” – Скопје, во соработка со Кинолошкиот сојуз на Македонија во поглед на стручна кинолошка помош, постојано води сметка за мерење и евидентирање на македонскиот караман, како и за архивирање на податоците, но и за селекција и за афирмирање на оваа раса во создавање, се до нејзиното конечно етаблирање во меѓународното кинолошко семејство.

    На 06. април 2011 година беше одржан состанок на Стручниот совет на КСМ на кој, од една страна, беа присутни генералниот секретар на КСМ, Слободан Милошевски, и потпретседателот на Стручниот совет на КСМ, д-р Перо Божиновски, а од друга страна, авторите на стандардот на Македонското овчарско куче – Караман, Влатко Костовски и Марјан Костовски, кои воедно беа и претставници на Кинолошки клуб “Македонско овчарско куче – Караман”. На тој состанок, по долга и исцрпна анализа, се коригираше првиот стандард на караманот според правилникот на ФЦИ, така што се донесе Предлог – стандард за Македонско овчарско куче – Караман. Тој денес претставува официјален документ на кинолошките изложби низ Р. Македоонија.

    Mакедонското овчарско куче Караман на поштенска марка

    Македонското овчарско куче – Караман доживеа и да се најде на поштенска марка издадена од Македонски пошти во април 2011 година. Заедно со марката беа излезени во употреба плик и воден жиг со ликот на ова македонско кинолошко достоинство.
    За особен придонес во афирмацијата на македонското овчарско куче – Караман повеќе лица и институции традиционално се наградуваат со уметнички слики насликани од академскиот сликар Влатко Костовски на кои се претставени мотиви со македонскиот караман.

    караман
    Караман

    Краток историски преглед на расата:

    Македонското овчарско куче – Караман е автохтона раса чии прапочетоци се врзуваат за неолитските земјоделско-сточарски населби во Македонија, како и за локалните номадски движења. Континуирано се одгледува како заштитник на стадата во цела Македонија. Македонците негувале посебен култ спрема караманот и тој отсекогаш претставувал нивно митско куче. Неговиот лик зазема видно место во записите на античките поети, на средновековните фрески и иконостаси во македонските манастири, како и во епските народни песни од 19 век. Во чиста форма го зачувале македонските сточари чиј конзервативен живот се одвивал номадски – во постојано движење од летните кон зимските пасишта и обратно. Поради неговата исклучителна храброст и верност, денес се среќава како заштитник на стада, но и како заштитник на лица и чувар на недвижен имот.

    Генерален впечаток:

    Куче со снажна, збиена конституција и со складни пропорции на сите делови на телото. Доста е подвижен, издржлив на физички напори и со изострени сетила. Разликата меѓу половите е видливо изразена. Мажјаците се покрупни, помасивни, робусни и со широка глава. Женките се со помала и со поелегантна конституција.
    Тој е неподмитлив чувар на стадото, лицата или на објектите доверени на чување. Недоверлив е спрема непознати, а лаењето му е силно, длабоко и пробивно. Верноста му е карактеристична особеност и се врзува за еден човек.

    Важни пропорции:

    Телото е правоаголно. Должината на телото кај мажјаците е за 9-11%, а кај женките за 11-13% поголема од височината на гребенот. Длабочината на градите е 40% од височината на гребенот. Соодносот меѓу муцката и черепниот дел е, кај мажјаците 37:63%, а кај женките е 38:62%.

    Однесување / Темперамент:

    Неподмитлив чувар, недоверлив спрема непознати, смирен е и трпелив, водлив, дружељубив со деца, а според темпераментот, тој е храбро и по потреба остро куче.

    Глава:

    Челен дел
    Умерено испапчен и малку заоблен. Поставеноста на линиите на муцката и на черепот е дивергентна, додека горниот дел е рамен.
    Череп
    Черепот е средно широк, месоцефален. Според обликот, суперцилијарните гребени се малку засводени и благо изразени. На средината на черепот има слабо изразена челна бразда која се забележува до средината на черепот, а присутна е и тилна џумка.
    Стоп
    Забележлив, но не силно изразен.

    Личен дел:

    Нос
    По форма е пресечен клин, ноздрите се широки и црно пигментиран.
    Муцка
    Просечната должина на муцката во однос на черепниот дел за мажјаците е 37:63%, а кај женките е 38:62%. Муцката е широка и длабока. Носникот е рамен со јасно изразена носна печурка. Долната вилица е рамна, а кожата е затегната. Во основата е поширока, а кон врвот благо се стеснува.
    Усни
    Цврсто се прилепени на вилицата. Средно се дебели, а горната усна е поширока и преминува преку долната. Исклучиво се црно пигментирани.
    Вилици / Заби
    Во профил, долната вилица е рамна и дивергентна во однос на линијата на носникот. Забите се големи, бели и правилно подредени. Забалото пожелно е да биде ножичасто, но дозволено е и клештасто, а
    секачите од горната челуст се преклопуваат и преминуваат со својата внатрешна страна преку забите на долната челуст.
    Образи
    Малку се истакнати гледано од анфас.
    Очи
    Правилно се всадени во очната шуплина, ниту длабоко всадени, ниту испакнати. Имаат форма на бадем, а медијалните агли се малку пониско од латералните. Бојата им е од светло пченична, до темно костенлива и даваат смирен впечаток. Очните капаци се прилепени, а очните рабови се црно пигментирани.
    Уши
    Поставени се средно високо, висечки се и прилепени. Имаат облик на латиничната буква В (В), а според големината се средно долги.
    Врат
    Горната линија е рамна и е благо искосена од околу 30 степени во однос на линијата на грбот. Умерено е долг, рамен е и широк и добро е поврзан со трупот и со главата. Мускулест е а кожата е затегната, припиена и без фанон.

    Тело:

    Горна линија
    Горната линија е рамна, права и незначително се издига од гребенот кон сапите.
    Гребен
    Благо е издигнат, доволно широк и добро е поврзан со вратот.
    Грб
    Долг е, широк и рамен, со мускулест слабински дел.
    Сапи
    Средно се долги, широки, благо искосени и мускулести.
    Труп
    Горната линија благо се издига од гребенот, па завршува со благо искосени сапи. Долната линија постепено се издига од градите кон стомакот. По облик е правоаголен и долната линија е благо искосена. Во однос на височината на гребенот, во просек подолг е за 9-11% кај мажјаците и за 11-13% кај женките. Средно е широк и мускулест.
    Гради
    Долги, широки, длабоки, широко поставени, а ребрата се еластични.
    Стомак и долна линија
    Контурите на долната линија продолжуваат во иста линија со градната коска, додека стомакот е прибран.
    Опаш
    Поставен е во продолжение на линијата на сапите, има облик на прстен, испружен допира до скочниот зглоб. Средно е дебел. На врвот на опашот често е свиткан во форма на ченгелче. Обраснат е со густи влакна. При движење го носи свиткан над грбната линија, додека во мирување е спуштен.

    Agrobot

    Екстремитети:

    Предни екстремитети:

    Генерален впечаток
    Гледано од напред се паралелни, а од страна се вертикално поставени на телото и имаат правилен став.
    Рамо
    Умерено е долго, заоблено и со развиена мускулатура. Аголот меѓу лопатката и рамената коска е околу 100-110 степени.
    Надлактица
    Две третини од нејзината должина се прилепени до телото, има развиена мускулатура и зафаќа агол од 60 степени во однос на хоризонталата.
    Лакт
    Лактот е правилно поставен и прилепен до градниот кош. Се наоѓа малку повисоко од средината на линијата на височината на гребенот. Аголот на лактот е околу 150 степени.
    Подлактица
    По должина е околу 40% од вкупната височина на гребенот. Има развиена мускулност, додека коската е права и доста силна.
    Карпус
    Широк е и средно дебел.
    Метакарпус
    Умерено долг, широк и незначително искосен.
    Шепа
    Има лажичест облик и е средно голема. Прстите се збиени. Ноктите се црни, а кај кучиња со белини на шепите се среќаваат и бели нокти. Перничињата се еластични и задолжително црни.

    Задни екстремитети:

    Генерален впечаток
    Гледано од страна и одзади имаат правилен став. Добро се поврзани со трупот и имаат незначително поширок став за разлика од предните нозе поради развиената мускулатура.
    Бут
    Умерено долг. Правилно е поставен, има силно развиени мускули и е умерено широк.
    Колено
    Цврсто е, широко и силно. Аголот на коленичниот зглоб е околу 120 степени.
    Потколеница
    Долга е и косо поставена. Има развиена мускулатура, а коската е стрмна и доста силна.
    Скочен зглоб
    Широк, силен и цврст и има агол од околу 140 степени.
    Задно дошепје
    Умерено е долго, широко и со блага искосеност, пострмна од дошепјето на предните нозе.
    Задно стапало
    Има лажичест облик, големо е, прстите се збиени и цврсти, ноктите се црни, а кај кучиња со белини на шепите се среќаваат и бели нокти. Перничињата се еластични и исклучиво црни.
    Движење
    Чекорот му е средно долг. Движењето му е лесно, комотно и одмерено. Карактеристично движење му е касот.
    Кожа
    Средно дебела, затегната, нема набори, а видливите слузокожи се исклучиво црно пигментирани.
    Крзно
    Должината на влакната на гребенот е околу 10 см. Во однос на влакната на трупот, влакната на задниот дел на бутовите, на вратот и на опашот се подолги, додека на главата и на предните делови на нозете се кратки. Има груба текстура, Крзното е средно-дебело, а подвлакното е густо.
    Боја
    Бојата е црна, црна со кафеави нијанси, или црна со палежи. Белини се дозволени на градите, како и до лактите на предните нозе, на шепите на задните нозе и на самиот врв на опашот. На белиот фон дозволени се и црни дамки.

    Prostor za reklama na zemjodelie.mk

    Висина и тежина:

    Мажјаците се високи од 65-75 см., а женките од 58-68 см. За мажјаците просечната тежина е 45 кг., а за женките 40 кг.

    За повеќе корисни стории посетете ја страната на zemjodelie.mk, како и Земјоделските групи на Facebook и Viber.

    Само Рурално

    tigar.mk baner
    spot_img
    МОЖЕ БИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА...
    МОЖЕ БИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА...
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img