Име на болест: Monilinia laxa
Сушење на цветовите, на ветчињата и гниење на плодовите кај коскестите овошја.
Опис: Кај нас редовно се појавува како причинител на сушењето на цветовите, ветчињата, а и на раното кафеаво гниење на плодовите.
Инфекциите на цветовите се остваруваат преку толчникот и столпчето и во тој случај цветовите изумираат, венечните листови стануваат кафеави, овенуваат и се сушат, како да се попарени со врела вода.
Раното кафеаво гниење на плодовите се развива поинтензивно во фазата на зреењето на плодовите. На нив се забележуваат тркалезни дамки со кафеава боја, гниењето се развива брзо зафаќајќи ги целите плодови.
Габата презимува како трајна мицелија во заразените ветки и плодови. Уште во текот на мирувањето на нив таа продуцира конидиофори со конидии и тоа почнува по дожд.
Во мај, спороносењето се остварува на температура од 11°С по 64 часа, а при 20°С по 30 часа. Во февруари овој период се продолжува со 12 часа, а во јануари со 34 часа и затоа при масовни зарази уште кон крајот на зимата и почетокот на пролетта се остваруваат голем број генерации на спороносење поради што до почетокот на цветањето овошките посебно пупките се прекриени со голем инфективен потенцијал од конидии.
Тоа е причината за монилисното сушење на ветките и цветовите, во одредени плантажи на вишни поради несоодветна заштита предизвикува нивно пропаѓање.
Најголеми зарази се остваруваат при висока релативна влажност на воздухот над 85% врнежливо време и температура од 22 до 28°С.
За заштита, заразените леторасти и ветки да се режат и спалуваат непосредно по цветањето, мумифицираните плодови да се собираат и длабоко да се закопуваат, да се изведува хемиска заштита со прскање, со препарати врз база на бакарен хидроксид или бакарен оксихлорид.
За повеќе корисни стории посетете ја страната на zemjodelie.mk, како и Земјоделските групи на Facebook и Viber.