Есента е најдобро време за садење на овошните садници, веднаш по паѓањето на листовите на крајот на месец ноември.
Ако временските услови се добри, садењето може да се изврши и во месец декември, ако температурата е над 0, а почвата е доволно заситена со влага.
Доколку садниците не сме ги засадиле есента, тогаш садењето може да се изврши крајот на февруари и почетокот на март, се до потерувањето на пупките.
При пролетното садење садницата потерува покасно и има помал пораст во однос на есенското садење.
Доколку површината е претходно риголована, на длабочина од 60-70 см, садењето се врши во помали дупки, 50 х 50 см, да може корените да се сместат во дупката. Ако површината е поплитко изорана садењето се врши во поголеми дупки, широки и до 1 метар и длабоки 60-70 см.
Пред да се почне со садењето, треба добро да се прегледа садницата. Односно се скратуваат оштетените и скршени жили, а здравите се кратат на 25-30 см. Потоа корените се потопуваат во каша од свежи говедски лепешки, глинеста почва и вода. Додека се влажни корените се посипуваат со ровка почва, која се налепува на кашата. А потоа садниците се распоредуваат во дупките за садење.
Пред садењето се разнесува потребната количина ѓубре (прегорено арско ѓубре) најмалку 1-2 кг на секоја дупка и 400-500 гр комбинирано ѓубре NPK. До колку почвата е кисела на дното на дупката се става 200-250 гр. томасово брашно.
После есенското садење садницата се завиткува со неколку слоја хартија, за заштита од зајци. Завиткувањето со фолија не е препорачливо, бидејќи преку денот се загрева, се оросува, а ноќе замрзнува. При есенско садење садницата се загрнува со 20-30 см почва, за заштита на коренот од мраз.
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката Агро Вести, како и нашите социјални мрежи Facebook и Viber и Telegram.
Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK