Земјоделци на средба со министерот – Националната земјоделска мрежа со остри реакции по средбата со Министерството
Претставници на Националната земјоделска мрежа (НЗМ) остварија средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски во Скопје, откако претходно доставиле писмено барање за разговор околу актуелните проблеми во секторот.
Средбата, која траела речиси три часа, според НЗМ, не ги дала очекуваните резултати, а земјоделците изразуваат сериозно незадоволство од текот и исходот на разговорите.
Клучни барања на земјоделците
На состанокот биле доставени повеќе конкретни барања, насочени кон подобрување на условите за земјоделско производство и финансиска поддршка:
- целосно отфрлање на Програмата за директни плаќања за 2026 година
- враќање на критериумите од 2024 година за поголема опфатеност на малите земјоделски стопанства
- забрзување на исплатата на заостанатите и тековните субвенции
- враќање на висината на директната финансиска поддршка за сточарството како во 2024 година
- враќање на субвенциите за полјоделски култури на ниво од 2014 година
- воведување линеарна субвенција од 100 денари по килограм тутун
- итна заштита на стратешките култури (пченица, јачмен, ориз)
- воспоставување директна комуникација меѓу земјоделците и институциите
- мерки за заштита од неконтролиран увоз на храна
- интервентна поддршка поради раст на цените на енергенсите, ѓубривата и репроматеријалите
Без конкретни одговори и резултати
Според соопштението на НЗМ, од страна на министерот не биле дадени прецизни и јасно дефинирани одговори на поставените барања.
Дополнително, како што наведуваат, дискусијата на моменти била тензична и се оддалечувала од суштинските проблеми со кои се соочуваат земјоделците.
„Од состанокот немаше никаков конкретен заклучок“, информираат од НЗМ.
Земјоделците со порака: борбата продолжува
Од Националната земјоделска мрежа јавно истакнуваат дека средбата ја оценуваат како формална, без вистинска намера за решавање на проблемите.
Тие најавуваат дека ќе продолжат со активностите и борбата за подобрување на условите во земјоделството.
„Остануваме целосно на страна на земјоделците и бескомпромисно ќе се бориме за нивните права согласно законските прописи“, порачуваат од НЗМ.
Придружете се во нашата заедница на Земјоделие.мк на Вибер, Телеграм, Фејсбук бидете дел од најголемето земјоделско семејство во кое сте секогаш добредојдени.
Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK

















