Почна откупот на македонското јагне, но сточарите не се задоволни од понудените цени.
Според актуелните информации од терен, откупната цена се движи од 260 до 280 денари по килограм, што според нив е недоволно за да ги покрие трошоците и да обезбеди одржливо производство.
Потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Гоце Сарафимов, вели дека интерес за македонското јагне има, а откупот веќе започнал и првите количини се извезени на странските пазари, пред сè во Италија и Албанија.
„Цената сè уште е ниска, од 260 до 280 денари максимум. Овчарите бараат да не биде под пет евра, односно под 300 денари. Дополнителен проблем е што цената на млекото се намали – од 65 денари падна на околу 60 денари“, изјави Сарафимов.
Според сточарите, ваквата состојба дополнително го отежнува работењето, особено во услови на зголемени трошоци за храна, ветеринарни услуги и одржување на стадата.
Проценките за годинава покажуваат дека во бачилата има околу 400.000 овци и приближно ист број на јагниња.
Од нив, околу 300.000 јагниња ќе завршат во кланиците, додека околу 100.000 женски јагниња ќе бидат задржани за обновување на стадата.
Сточарите предупредуваат дека доколку цените не се зголемат, интересот за овчарството ќе продолжи да опаѓа, што може да доведе до дополнително намалување на домашното производство на јагнешко месо.
Придружете се во нашата заедница на Земјоделие.мк на Вибер, Телеграм, Фејсбук бидете дел од најголемето земјоделско семејство во кое сте секогаш добредојдени.
Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK

















