По паузата продолжува користењето на европските средства преку ИПАРД програмата
По неколкумесечниот застој, повторно започнува реализацијата на проектите финансирани преку ИПАРД 3 програмата. Денеска беа потпишани пет нови договори во вкупна вредност поголема од 62 милиони денари, со што официјално продолжува процесот на искористување на европските средства за рурален развој.
Договорите ги потпиша директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Даниела Иротова Лазарева, веднаш по деблокирањето на процесите од страна на Брисел.
Станува збор за проекти од јавниот повик 02/24 од 2024 година, кои се однесуваат на Мерка 7 од ИПАРД програмата.
Поддржаните инвестиции главно се насочени кон развој на руралниот туризам, изградба и уредување на сместувачки капацитети, како и модернизација и опремување на угостителски објекти во рурални средини.
Корисниците на средствата ќе имаат рок од 24 месеци за целосна реализација на инвестициите.
Од Агенцијата информираат дека за проектите кои веќе биле реализирани, а подолго време чекале исплата, налозите за плаќање се веќе доставени до трезорот и се очекува исплатата да започне наскоро.
ИПАРД 3 повторно се активира

Во наредниот период се очекува и дополнително придвижување на ИПАРД 3 програмата.
Според најавите, Брисел треба да ги одобри измените во програмата, по што ќе следуваат и нови јавни повици за аплицирање за европска финансиска поддршка.
ИПАРД средствата имаат значајна улога во развојот на руралните средини, отворањето нови туристички капацитети и создавањето дополнителни приходи за населението надвор од урбаните центри.
Придружете се во нашата заедница на Земјоделие.мк на Вибер, Телеграм, Фејсбук бидете дел од најголемето земјоделско семејство во кое сте секогаш добредојдени.
Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK
















