Летните горештини создаваат услови во кои лесно расипливата храна многу побрзо може да стане небезбедна за консумирање. Месото, млекото, јајцата, млечните производи и готовата храна бараат особено внимание при транспорт, чување и подготовка.
Истовремено, високите температури претставуваат голем стрес и за добитокот и домашните миленици, а во екстремни услови може да предизвикаат топлотен удар или сончаница.
Како да се намали ризикот од труење со храна?
Безбедноста на храната започнува уште при нејзиното купување. Особено во периоди со високи температури, важно е производите да се набавуваат од проверени места каде што се почитуваат условите за разладување и правилно складирање.
- Купувајте од проверени и регистрирани продажни места.
- Проверете го рокот на употреба.
- Не купувајте производи со нагмечена, напукната или надуена амбалажа.
- Разладените и замрзнатите производи земајте ги на крајот од пазарењето.
- Избегнувајте разладена храна која се чува надвор од ладилник.
- Не оставајте месо, млеко, јајца и други лесно расипливи производи долго време во автомобил.
Разладената храна под 5°C
Една од најважните мерки во летниот период е одржувањето на таканаречениот ладен синџир.
Разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5°C, додека храната што се готви треба добро термички да се обработи.
По подготовката, храната треба да се излади и да се чува во фрижидер. Препорачливо е зготвената храна да се чува на горните полици, а суровото месо и другите сурови производи на долните полици, за да се избегне нивен меѓусебен контакт.
Овошјето и зеленчукот треба темелно да се мијат под млаз вода, а месото, јајцата и производите од животинско потекло добро да се термички обработат.
Внимавајте кога јадете брза храна
Во период на високи температури дополнително внимание е потребно и при консумирање храна во угостителски објекти.
Препорачливо е да се избираат места кои водат сметка за хигиената и правилното чување на производите.
- мајонез;
- крем-салати;
- сосови;
- преливи;
- млечни и месни додатоци;
- производи кои стојат подолго време надвор од ладилник.
Горештините се опасни и за животните
Високите температури не се опасни само за луѓето. Животните, особено оние кои се чуваат во затворени објекти, штали и фарми со недоволна вентилација, може многу брзо да бидат изложени на сериозен топлотен стрес.
Ризикот дополнително се зголемува ако во објектите има висока влажност, голема густина на животни и недоволно струење на воздухот.
Посебно ризични се животните кои се изложени на директно сонце, транспорт, физичка работа или престој во затворени и непроветрени простории во најтоплиот период од денот.
Како да препознаете топлотен стрес кај животните?
Зголемувањето на температурите претставува стрес за секое животно, а првите промени може да бидат суптилни.
Кај добитокот често се забележуваат:
- намален апетит;
- помало внесување храна;
- зголемена жед;
- намалено производство на млеко;
- послаб дневен прираст;
- забрзано и плитко дишење;
- забрзан пулс;
- несигурен од или тетеравење;
- значително покачена телесна температура.
Во потешки случаи може да се јават исплашен поглед, изразена жед, тикови и грчеви на мускулите. Овие симптоми бараат брза реакција.
Што да направите ако животното има топлотен удар?
Животното треба веднаш да се премести од директното сонце.
- преместете го животното во ладовина или разладена просторија;
- обезбедете доволно свеж воздух;
- понудете му свежа и чиста вода;
- телото може да се разладува со умерено ладна вода;
- главата и вратот може да се покријат со влажна и ладна крпа.
Доколку состојбата е сериозна или животното не се подобрува, потребно е што поскоро да се побара ветеринарна помош.
На фармите задолжително сенка, вода и вентилација
Во периоди со екстремни температури, фармерите треба дополнително да внимаваат на условите во кои се сместени животните.
- Да нема преголема густина на животни во објектите.
- Да се обезбеди добра природна или механичка вентилација.
- Постојано да има достапна свежа и чиста вода.
- Животните да бидат заштитени од директно сонце.
- На испустите да има натстрешници или природна сенка.
Излегувањето, транспортот и користењето на животните за работа е најдобро да се организираат во раните утрински или вечерните часови, кога температурите се пониски.
Посебно внимание и за домашните миленици
Кучињата и другите домашни миленици се исто така изложени на опасност од високите температури.
Температурата во автомобил може многу брзо да се зголеми и да стане опасна, дури и кога надворешната температура изгледа поднослива.
Домашните миленици не треба да се изнесуваат на прошетка во најтоплиот дел од денот. Треба постојано да имаат свежа вода, сенка и проветрено место за престој.
Најважните правила во денови со 40°C
- Чувајте ја лесно расипливата храна во ладилник.
- Не оставајте храна долго време во автомобил.
- Избегнувајте производи што стојат надвор од разладни уреди.
- Не јадете храна за која се сомневате дека е небезбедна.
- На животните обезбедете им постојано свежа вода.
- Обезбедете сенка и добра вентилација.
- Избегнувајте транспорт и работа со животни во најтоплите часови.
- Не оставајте миленици во затворени автомобили.


















