Акција „Домашни квалитетни евтини месни производи достапни за секој наш граѓанин“ најавуваат преработувачите на месо, како одговор на кризата и намалената куповна моќ на потрошувачите.
Ова е договорено на работниот состанок што го организира Групацијата за преработка на месо и производи од месо во Стопанската комора на Македонија.
Месната индустрија уште еднаш апелира Владата да ги укине давачките на увозните суровини кои не се произведуваат во државата. Мерка која, како што потсетуваат, беше активна до јуни 2022 година. Во таков случај, веднаш може да дојде до поевтинување на месните преработки и за над 10 проценти.
Како што објаснуваат за МИА од Стопанската комора, месната индустрија не бара субвенции, туку само изедначување на условите за стопанисување. Србија, нагласуваат, има осум отсто давачка. Другите земји немаат царина на замрзнато месо, а државава има 18 до 35 проценти во зависност од тарифниот број.
– Ја поздравуваме одлуката на Владата за фиксна цена на струјата. Истовремено бараме да ги укине давачките на увозните суровини кои не се произведуваат во државата. Мерка која беше активна до јуни 2022 година. Целта за намалување на цените е заедничка – и на Владата и на граѓаните и на индустријата. Сите ќе бидат задоволни доколку намалувањето на цените на месните преработки бидe што поголемo, на пример над 10 проценти, што може да се случи веднаш ако се донесе одлука за ослободување од плаќање на царината на одредени тарифи на суровина за крајна употреба за овој кризен период, а за трајно решение да се прифати Предлог-законoт кој е доставен до Министерството за финансии и Владата – велат од Комората.
За повеќе корисни стории посетете ја страната на zemjodelie.mk, како и Земјоделските групи на Facebook и Вибер.
А доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK