СОНЧАРКА, СРНСКА ПЕЧУРКА СРНДАЧ:
Опис на видот: Плодното тело се состои од шапка и од дршка. Хименофорот се наоѓа на долната страна од шапката и е составен од ливчиња. Шапка: Има пречник од 10 до 30 сантиметри. На почетокот e јајцевидна или топчеста, а потоа широко отворена со неизразено испупчување на средината. Површината е покриена со лушпи, често наредени во концентрични кругови. Има од кремова до светлокафеава боја, која секогаш е потемна на средината. Ливчиња: Слободни се, густи, широки, меки и со бела боја. Дршката е од 15 до 35 сантиметри. Тенка е, шуплива, цилиндрична, кон основата се задебелува, многу е жилава и влакнеста. Има кремова боја прошарана со темнокафеави линии. Прстенчето е добро развиено, двослојно и подвижно по дршката. Месото е меко, тенко, сочно и има бела боја. Кај старите примероци е суво, кожесто и кремово. Има пријатен мирис и сладок вкус. Живеалиште: Се среќава во светли листопадни и зимзелени шуми, пасишта и ливади. Многу чест и широкораспространет вид. Расте во големи колонии, но може да се сретне и поединечно.
Сродни и слични видови:
1. Видови од СМРТНО ОТРОВНИОТ род Lepiota. Со оглед на димензиите на сончарката, замената со претставниците од родот Lepiota кои имаат многу мали димензии е занемарлива.
2. Можна е замена со лушпестата сончарка (Macrolepiota rhacodes) која е многу слична, а се разликува по широките и крупни лушпи на горната површина на шапката и месото кое на пресек поцрвенува, но овој вид, исто така, се јаде.
3.Грбавата сончарка (Macrolepiota mastoidea) е сличен вид, но е со помали димензии, со ситни лушпи и силно изразена грпка на шапката, но и овој вид не е отрoвен и може да се јаде.
Делови кои се собираат: Само шапката. Време на собирање: од почетокот на јули до крајот на ноември. Алатки за собирање: Ножици и нож.
Метод на собирање: Сончарката се бере многу тешко со завртување поради дрвенестата дршка. Таа треба да се сече со ножици или со нож. Се собираат само млади и здрави чадорчиња. Собраните печурки се ставаат во сламени кошници.
На местото на собирање треба да се остават најмалку 20% недопрени печурки. Не собирајте незрели, недоволно развиени или стари и црвливи примероци и оние кои се наоѓаат во близина на сообраќајници или депонии.
Третман по собирањето: Особено е погодна за сушење.