Французите се соочуваат со недостиг од сенф во супермаркетите. Ова доаѓа како резултат на недостатокот на семе од синап потребни за производство на овој сос.
Тешката суша во Канада, лошата жетва во Франција и војната во Украина заедно ги намалија залихите на семе од синап што им се достапни на производителите.
Поради недостиг од сенф, цената во Франција порасна за 10%, а некои продавници тешко ги полнат полиците.
Франција најмногу увезува семе од синап од Канада. Но, минатата година во таа земја имаше голема суша која ги уништи посевите.
Сите суши не се последица на климатските промени. Но, вишокот на топлина во атмосферата црпи повеќе влага од земјата, а сушите се влошуваат, пишува Би-Би-Си. Планетата веќе се загреа за околу 1,2 степени Целзиусови од почетокот на индустриската ера. Температурите ќе продолжат да растат доколку владите ширум светот значително не ги намалат емисиите на гасови.
Бербата на семето од синап во Франција веќе трета година по ред не дава задоволителни приноси. Последен пат причината беше влажна зима и студена пролет.
Лук Вандермесон, генерален директор на третиот по големина француски производител на синап La Reine de Dijon, изјави за Би-Би-Си дека производството е за 20% до 25% помало од вообичаеното.
– Пазарот е празен, се е веќе резервирано и имаме потешкотии со откупот на семето – рече тој.
Производителите во Франција првично се надеваа дека ќе воведат дополнително семе од синап од Русија или Украина за да ги надополнат недостатоците, но тоа не е можно поради војната.
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката Агро вести, како и нашите групи на Facebook и Viber.