Американската влада соопшти дека планира да засади повеќе од милијарда стебла во наредните години низ изгорениот запад на САД. Тој во моментов најмногу страда од ефектите на климатските промени. Се соочува со сериозни суши, жештини и шумски пожари.
Пожарите уништија неколку милиони хектари шума во последните години. Тоа се одвива многу побрзо од способноста на шумите да се обновуваат природно или од капацитетот на владата да засади нови дрвја.
Се проценува дека треба повторно да се засадат 1,7 милиони хектари или околу милијарда стебла
Американското Министерство за земјоделство соопшти дека ќе мора да го зголеми четирикратно бројот на садници во одгледување за да го надомести тој заостаток и да ги задоволи идните потреби.
Одлуката доаѓа откако американскиот Конгрес минатата година усвои закон со кој се наложува на Шумската служба да засади 1,2 милијарди дрвја во следната деценија. Претседателот Џозеф Бајден и нареди на агенцијата да ги направи шумите во земјата поотпорни додека светот се загрева.
Голем дел од пошироките мерки на администрацијата на Бајден за справување со климатските промени се заглавени поради несогласувањата во Конгресот. Таму демократите имаат мало мнозинство.
Службениците мора да применуваат поделен пристап, со дополнителни мерки
За да ја надомести изгубената шумска покривка, Шумската служба планира да ги зголеми 24.000 хектари повторно засадени минатата година на 162.000 хектари засадени годишно во следните две години, рекоа официјалните лица.
Најголем дел од работата ќе биде извршена во западните американски држави. Таму избувнуваат пожари во текот на целата година и потребата е итна, изјави претставникот на агенцијата Дејвид Лајтл.
Многу шуми природно се обновуваат по пожар. Но, ако пожарите се премногу интензивни, тие можат да остават голи области. Такви остануваат со децении пред дрвјата да се регенерираат.
– Нашите шуми, рурални заедници, земјоделството и економијата се поврзани преку заеднички пејсаж и нивниот опстанок е во прашање. Само преку храбри, климатски паметни акции можеме да ја обезбедиме нивната иднина – рече министерот за земјоделство Том Вилсак.
Шумската служба ќе потроши повеќе од 100 милиони долари за повторно засадување дрвја оваа година, а тие трошоци ќе пораснат во следните години до дури 260 милиони долари годишно, според федералниот закон за инфраструктура усвоен минатата година, соопштија официјални лица.
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката Агро вести, како и нашите групи на Facebook и Viber.