Јаболкова крвава вошка (Eriosoma lanigerum) спаѓа во економски значајни штетници.
Оваа крвава вошка последните години претставува се поголем проблем кај јаболковите насади. Особено во интензивните насади, а помалку во помалите и запоставени овоштарници.
На зголемувањето на нејзината популација влијаат интензивното оплодување, климатските услови предизвикани од климатските промени, чувствителноста на подлогота и сортите, како и негативното влијание на инсектицидите врз природниот неријател, осичката Aphelinus mali.
Имагата на крвавата вошка кај јаболкото имаат црвено-кафеава до виолетова боја. Тие се покриени со густа восочна обвивка под која телото е скоро невидливо. Живеат во колонии и лесно се препознаваат по белата превлака.
Ако облогата се притисне со прст, може да се види црвена леплива течност по која го добила своето име.
Може да се каже дека е монофагна бидејќи се наоѓа главно на јаболка. Ретко може да се најде на дуња, а понекогаш на глог и мушмула.
Овој вид е анхолоцикличен – ларвите презимуваат на стеблото во пукнатините и рак-раните (без презимување на јајца). Ларвите на крвавата вошка минуваат низ четири фази на развој. Тие можат да издржат многу ниски температури до -27˚С.
Крвавата јаболкова лисна вошка станува активна кон крајот на зимата и раната пролет. Се храни со растителен сок од коренот, стеблото, гранките и леторастите.
Често се населува на места каде имало строга резидба како и пукнатини во кората. На местото на нападот каде вошките смукале сокови кората пука и доаѓа до задебелување на стеблото и гранките, се формираат рак – рани или гуки.
Нападот од вошки предизвикува застој во растот, деформација на гранките и создавање на поволни услови за развој на секундарни болести и штетници. Најчесто страдаат стебла на влажни и заштитени места, а помалку се нападнати стебла на сончево и проветриво место.
Лачи медовина, која понекогаш може да ги покрие лисјата, гранките па дури и плодовите, ако навреме не се открие присуството на штетникот.
Презимените ларви напролет се движат кон листовите и младите леторасти, каде смукаат сокови.
Во пролет и лето во овоштарниците претежно се наоѓаат бескрилните женки кои создаваат колонии во пукнатините и на раните на гранките.
На есен, повеќе се застапени крилестите женки кои прелетуваат на други стебла и така ја шират заразата.
Пред да се спроведат мерки за хемиска контрола, потребно е да се изврши визуелен преглед на овоштарникот за да се утврди степенот на присуство на крвавата вошка, но и присуството на паразитски ларви на крвавите вошки.
Со хемиско третирање се започнува кога се нападнати околу 5 – 8 % од стеблата а кај помладите насади прагот може да биде и понизок. Во овошните насади каде се наоѓаат крвави јаболкови вошки, се препорачува зимско прскање на насадот со употреба на минерални масла.
Во вегетација првото третирање се изведува непосредно пред цветање, а второто после цветање кога сеуште нема многу лисна маса.
Се препорачува да се користат инсектициди кои не им штетат на природните непријатели.
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката Агро совети, како и нашите социјални мрежи Facebook и Viber.