На секое собно цвеќе му е потребна грижа и внимание за да изгледа убаво, но и да има голем животен век.
Секое цвеќе има свои специфики во однос на климатските услови, составот на почвата, количината на хранливи материи, количината на вода.
Цвеќето треба да се пресади тогаш кога ќе се утврди дека саксијата станала претесна за него. Или кога хранливата вредност на земјата е намалема во толкава мера што не може да се зголеми на друг начин. Туку само со пресадување – додавање на свежа плодна земја.
Потребата за пресадување може да се забележи кога растението заедно со груменот на земја ќе се извади од саксијата. Ако се забележи дека жилите се потполно обраснати со земја, до тој степен што содржината на саксијата го сочинува само сплет од жили со нешто малку земја на површината, таквото растение треба да се пресади во поголем сад. Растенијата кои излегуваат порано во пролет порано се пресадуваат од оние кои излегуваат подоцна.
Најдобро време за пресадување на цвеќето е веднаш после прецветувањето или пред да почнат да излегуваат нови гранчиња. Растенијата кои цветаат не треба да се пресадуваат бидејќи ниедно растение не сака да биде вознемирувано додека цвета.
Кај секое растение во текот на една година постои најжив период од вегетацијата (растењето), после кој следува период на слабо растење или општо мирување. Вегетацијата на цвеќето во соба почнува рано на пролет, па поради тоа најчесто и во тоа време се пресадува. Растенијата кај кои никогаш не доаѓа до потполно мирување на вегетацијата (на пример, палмите) можат да се пресадуваат во секое време од годината, освен во периодот на цветање.
Некои растенија (традесканција, аспарагус спренгер и други) бараат пресадување во текот на цела година. Со што побујно и поубаво растат, додека азалејата, камелијата и орхидејата не бараат често пресадување.
При пресадувањето треба да се внимава растението да биде точно во средина на саксијата. И да не се става ни премногу длабоко ни премногу плитко.
Растенијата со луковица се садат поплитко или подлабоко во земјата. Во зависност од тоа дали растението развива жилички под или над луковицата. Плитко се сади амарилисот, бегонијата, цикламата, лалето, зумбулот и др.
По пресадувањето растението секогаш убаво се полева. А најдобро е тоа да се направи со фина прскалка, се додека не потече вода низ отворот на дното на саксијата.
Потоа се става на светло, а по можност и на топло место, заштитено од силно сонце и провев. Пресаденото растение треба да се ороси со распрскувач. Внимателно полевање кај ова растение треба да се врши се додека, според неговиот изглед, не се заклучи дека се создадени нови жилички, односно услови за нормален развој.
За повеќе корисни стории посетете ја страната на zemjodelie.mk, како и Земјоделските групи на Facebook и Вибер.
А доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK