Оранжериите во струмичкото село Банско може да останат без термалните води со кои се затоплуваат и наводнуваат оранжериите.
Земјоделците од Банско добиле известување од ЕВН дека без дозвола од Министерството за животна средина нема да може да им ги продолжи договорите за користење на струја за испумпување на вода од бушотините.
Градинарите кои со децении ја користат топлата вода велат дека веќе неколку години имаат изготвено елаборати за легализација. Поднеле и барање до животна средина, но до сега немаат ниту одговор ниту дозвола. Тие бараат од институциите да најдат начин и да го решат проблемот.
Од министерството за животна средина информираа дека земјиштето во реонот Банско се наоѓа на подрачје на веќе доделена концесија за експлоатација на минерална суровина-геотермална вода. И за користење на геотермалната вода земјоделците требало да се договорат со концесионерот.
– Индивидуалните земјоделци не можат да го остварат водното право. Бидејќи за тоа подрачје веќе е доделена концесија.Но за потребите на оранжериите можат да да обезбедат водно право преку концесионерот. Геотермалните води не може неконтролирано да се користат. Употребата на бунарските објекти и користење на вода не подлежи на Закон за постапување со бесправно изградени објекти- информираа од Министерството за животна средина.
Оранжериите во Банско веќе се посадени со зеленчук, а во дел од нив започна и бербата. Од овие површини егзистираат половина од домаќинствата во селото или околу 2000 лица.
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката Агро совети, како и нашите социјални мрежи Facebook и Viber.
Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK