Камелија се смета за кралица на цвеќињата. Има елегантни цветови во бела, повеќе нијанси на розова или црвена боја кои може да бидат едноставни или дупли и долги, зелени, восочни листови.
Камелија потекнува од источните делови на Азија, од топлите и влажни шумски предели. Во Европа стига пред околу 3 века и на почетокот се одгледува само за производство на чај.
Денес во природата има околу 200 видови диви камелии, а со вкрстување се добиени повеќе видови за одгледување во домот.
За одгледување во градината и одговара топло и влажно место под сенка. Отпорна е на ниски температури па се случува да цвета и додека има снег, но ако е зимата многу остра тогаш покријте ја со суви лисја.
Земјата треба да биде слабо кисела, збогатена со малку шталско ѓубриво и измешана со песок. Внимавајте да не биде премногу влажна бидејќи коренот е осетлив и ќе почне да трули.
Садницата на камелијата насадете ја во дупка која е два пати подлабока и три пати поширока од крошната и внимавајте крошната да биде најмалку 10 cm над тлото. Притиснете ја земјата од страните и ставете вода. Се препорачува да се сади во периодот од октомври до март.
Ќе почне да цвета по три години и тоа во есен па се до рана пролет. Цветовите се долготрајни и остануваат свежи до 4 месеци. Кога ќе прецвета и ќе заврши со растот следува период на мирување кој трае 5-6 недели. Во овој период треба поретко да ја полевате.
За одгледување во домот треба да и овозможите неколку услови без кои не може да опстои.
Ставете ја на место каде температурата во зима нема да биде повисока од 10°С, на свеж воздух, но не на директно сонце. Не ја преместувајте, дури не ја ни вртете саксијата бидејќи ќе и паднат листовите. Пресадувајте ја секоја трета година бидејќи ако почесто ја пресадувате ќе има помали цветови. Најдобро е пресадувањето да го правите во јуни и јули кога младите фиданки веќе пораснале.
Полевајте ја со отстојана дождовница или мека вода, а пупките оросувајте ги со чиста млака вода. Повремено бришете ги листовите со влажен сунѓер. Во текот на зимата полевајте ја помалку, а кога ќе излезат првите пупки залевајте ја почесто. Ако листовите пожолтат значи дека сте ја полевале премногу и коренот трули. Тогаш пресадете ја во друга саксија со свежа земја за да се обидете да ја спасите.
Во лето може да ја преместите во градината и да ја закопате заедно со саксијата на некое место под сенка, но секако дека може да остане и на своето место во домот.
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката Агро Вести, како и нашите социјални мрежи Facebook и Viber.
Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK