Многу топлото време во октомври иницираше цветање на одредени видови овошје. Почнаа пупките кај црешите, некои сорти на слива, круша… Сепак, фактот што времето е невообичаено топло за овој период од годината, според експертите, нема негативно да влијае на родот на овошјето следната година.
Ваквите временски услови – многу топли денови со температури до 27 степени – влијаат на овошните видови. Секако со присуство на влага, во земјата почнува цветањето.
Треба да се напомене дека не се работи за појава која негативно ќе влијае на плодот. Тие пупки, или цветови, ќе настрадаат од ниски температури. При резидбата се отстрануваат тие делови од гранките и гранчињата, за да нема негативни последици во наредната година. Не е невообичаено за октомври да има високи дневни температури, како овој пат. Пред десет години имаше феномен кој доведе до цветање на плодот кога не му беше вистинското време.
Нема да има негативни последици за јаболката, чија берба е во тек, поради високите дневни температури, освен кај сортата Грени Смит.
– Тоа е познатото зелено јаболко. Кај него плодовите мора да бидат само зелени. Додека во овие услови, со високи температури, на плодовите се појавува црвенило или пожолтување. Така нивната вредност се намалува и плодовите автоматски се префрлаат во друга класа.
Родот на јаболката годинава е намален, пред се поради агроеколошките услови, доцните пролетни мразеви. Сепак приносот е подобар во однос на коскесто овошјето.
И да се намали родот, од друга страна, јаболкото е со одличен квалитет. Со оглед на тоа дека бербата на јаболкото се уште е во тек, во овој момент не може точно да се каже колку ќе биде помал родот на ова овошје.
Инаку, високите температури во последните години, особено во текот на пролетта и летото, лошо се одразуваат на голем број овошни сорти. Посебно е намален родот на сливата.
Поради силните суши изгореници се јавуваат на плодовите и листовите. Против сушата можете да се борите и со избирање на овошни сорти, на пример, крушата абате фетел е помалку отпорна од конференциската сорта, која подобро поднесува високи температури. Поради приспособување кон климатските промени, неопходно е при садењето да се постават противградни мрежи кои штитат не само од град, туку и од изгореници.
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката Агро совети, како и нашите социјални мрежи Facebook, Viber и Telegram.
Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK