Народни гатанки одсекогаш ми биле интересни за читање и за погодување.
Па еве ако имате дечиња или внуци интересен начин како да ги потикнете логички да размислуваат.
Воздухот го создава, живее без тело, слуша без уши, зборува без уста (ехо)
Со едно огниште цел свет се грее (сонце)
Околу куќа оди, во неа влегува, а ништо не фаќа (сонце)
Има четири нозе и плеќи, а не може да оди (стол)
Црвен дедо заклучен седи (вино)
Во едно буре две сорти вино (јајце)
Бел чаршав цела земја покрил (снег)
Баба зева, дедо виси (бунар и кофа)
Прво ќе го дадеш, а потоа ќе го држиш (збор)
Син вир дно нема (огледало)
Ако ме употребиш ќе бидеш ти, ако ме изгребеш тогаш ќе бидеш никој (огледало)
Тебе ти припаѓа, а други ти го користат (име)
Црн арап на врата виси (клуч)
Секогаш доаѓа, но никогаш не останува (утре)
Долг Тодор без коски (чад)
Немам ниту рамена, ниту грб, а носам голем товар (мост)
Бесна кучка в гора лае (секира)
Од куќа до куќа оди, а внатре не влегува (улица)
Заби нема ама каса (зима)
Црно јаже по земја се влече (мравки)
Тело и зборови има, а уста и глава нема (книга)
Ум дава, а не зборува (книга)
Сама ум нема, а на друг му дава (книга)
Секој плаче за него, а никој не оди со него (мртовец)
Тој што го купува не го употребува, а тој што го употребува не го гледа (мртовечки сандак)
Цел живот е врзана, а кога ќе ја пуштат, ја носат на колење (лубеница)
Шарена, шарена, со рака не се фаќа (змија)
На една нога седи, а срцето и е во главата (зелка)
Сама баба куќа носи (желка)
Сив сокол под земја лета (плуг)
Црно тури, а црвено извади (железо)
Напред оди, назад не се враќа (време)
Колку што ги правиш, толку зад себе ги оставаш (траги)
Бела погача на ќерамиди виси (месечина)
Таа беше тука уште кога постана светот, а цела се појави пред еден месец (месечина)
Кожата му е црна, срцето му е бело (костен)
Околу дрво оди, а во него не влегува (кора)
Главата в гора, опашката в море (река)
Никнува во гора, пат сама прави, штом море ќе сретне, во него се дави (река)
Дење и ноќе патува без да застане (река)
Врви пред сонцето, а не прави сенка (ветер)
Црна мечка по планина бега (магла)
Стар дедо на ќерамиди лежи, не се помрднува (оџак)
Гола сум, а цел свет го облекувам (игла)
Каде и е главата нема око, каде и е окото нема глава (игла)
Две сестри сè гледаат, а самите себе не можат да се видат (очи)
Еве ја, ене ја, ја нема (искра)
Ако го храниш ќе живее, ако му дадеш вода ќе умре (оган)
Една плоча го покрива целиот свет (небо)
Старци со бели бради не можат да се стигнат (бранови)
Цел ден те стега, а кога спиеш те ослободува (ремен)
Студена змија на гуша виси (ѓердан)
Низ него одиш, а не го гледаш (воздух)
Крени ја – плаче, легни ја – молчи (гајда)
Рикна вол во темен дол, чуја лисиците напрчија опашките (тапан)
На свадба го канат, таму ќотек јаде, гласот му се слуша кој знае до каде (тапан)
По планини и полиња оди, а никогаш не мрда (пат)
Мера нема и број нема (пат)
Градови и села има, куќи нема, планини има, дрва нема, реки и езера има, вода нема (мапа)
Има две ‘рбетници и илјадници ребра (железничка пруга)
Полна пештера со клинци (уста)
Сив сокол свисна, земјата се стисна (мраз)
По скалите оди нагоре и надолу, без да се движи (тепих)
Брат и сестра се бркат и не можат да се стасат (ден и ноќ)
Живо свиено со игли набиено (еж)
На маса се ставаат, се сечат, но не се јадат (карти)
Целиот дрвен во главата црвен (кибрит)
Двајца браќа близанци, очи имаат а не гледаат, јазик имаат а не зборуваат и двајцата заедно умираат (чевли)
Повисоко од човек, а пониско од петел (капа)
Како да ја фрлиш на нозе паѓа (мачка)
Ти ја празниш, а таа е сè поголема (дупка)
На сонце излегува, а на облачно се крие (сенка)
Што е најбрзо на светов (ум)
За еден е многу, за двајца доволно, а никако за тројца (тајна)
Народни гатанки
Придружете се во нашата заедница на Земјоделие.мк на Вибер, Телеграм, Фејсбук бидете дел од најголемето земјоделско семејство во кое сте секогаш добредојдени. Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK