Јавен обвинител од ОЈО ГОКК поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против повеќе лица осомничени за сериозни кривични дела поврзани со злоупотреба на ИПАРД средствата за земјоделство и рурален развој.
Според обвинението, управител на правно лице аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, барајќи финансиски средства преку ИПАРД програмата. Иако апликацијата не ги исполнувала законските услови и била пониско рангирана, обвинетиот презел активности со цел незаконски да обезбеди целосно одобрување на средствата.
За таа цел, управителот во повеќе наврати ветувал и давал пари. На раководно службено лице во Агенцијата му бил ветен поткуп од 50.000 евра, додека на уште три лица им биле исплатени по 5.000 евра, за да го искористат своето реално влијание и службена положба и да извршат притисок врз одлуката која не смеела да биде донесена.
Обвинителството утврдило кривична одговорност и кај четири државни службеници, кои спротивно на своите службени обврски овозможиле незаконско одобрување на апликацијата. Тие извршиле погрешни пресметки, постапувале со некомплетна документација и ги одобриле потребните обрасци и решенија за финансиска поддршка.
Еден од обвинетите службеници, иако бил свесен дека апликацијата не ги исполнува условите, го потпишал решението со намера да го прими ветениот поткуп.
Поради сериозноста на делото и постојните законски основи, обвинителството предложи продолжување на мерките притвор за дел од обвинетите, како и мерки на претпазливост за државните службеници, меѓу кои забрана за вршење службени активности, одземање патни исправи и обврска за редовно јавување кај надлежен орган.
Дополнително, обвинителот предложи одземање на мобилни телефони, дигитални уреди и парични средства во износ од 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци, како предмети употребени при извршување на кривичните дела.
Од прибраниот доказен материјал произлегле и индиции за пошироки неправилности во користењето на ИПАРД средствата, поради што ОЈО ГОКК отвори предистражна постапка која сè уште е во тек.
Придружете се во нашата заедница на Земјоделие.мк на Вибер, Телеграм, Фејсбук бидете дел од најголемето земјоделско семејство во кое сте секогаш добредојдени.
Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK

















