Курбан Бајрам Дебар – Во очи на големиот муслимански празник Курбан Бајрам, кој годинава се паѓа в недела на 16 јуни, во регионот на Дебар се одвива интензивна продажба на овци и овни.
Овие животни се принесуваат како курбан, во чест на овој значаен религиозен настан.
Скендер Аме, претседател на здружението на сточари „Даши“, кое ги вклучува сточарите од општините Дебар и Центар Жупа, информира дека годинава за продажба се подготвени над 3.000 грла овци и овни.
„Продажбата е во тек и можам да кажам дека интересот е голем. Оваа година имаме над 3.000 грла за продажба, а едно грло се продава по цена од 130 до 300 евра, во зависност од возраста и тежината на животното. Цените се речиси исти како минатата година. До денеска претпладне имаме продадено околу 2.200 грла, но според традицијата, побарувачката е најголема во последните денови пред празникот,“ истакнува Аме за МИА.
Продажбата се одвива во дел од стариот градски пазар, каде што, покрај жителите на Дебар, купувачи се и жителите од долнореканските села, општина Маврово и Ростуше, како и помал број од општина Центар Жупа, каде што исто така има пазар.
Според верниците, курбанот се коле првиот ден од празникот, а месото се распределува на сиромашни семејства. Курбан Бајрам, кој се одбележува четири дена, е познат и како Аџи Бајрам, бидејќи во тоа време, на светите места Мека и Медина во Саудиска Арабија, се одржува аџилакот, петтиот столб на исламот.
Од нашата земја, на аџилак се заминати 2.020 верници, од кои 100 се од дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, или поточно подрачјето на Река.
Придружете се во нашата заедница на Земјоделие.мк на Вибер, Телеграм, Фејсбук бидете дел од најголемето земјоделско семејство во кое сте секогаш добредојдени.
Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK