Бел слез е повеќегодишно тревесто растение, со разгранети корени. Стеблото е високо до 150 cm, покриено со меки влакна. Листовите на подолги или пократки стебленца, триаголни – овални, покриени со влакна од двете страни, ситно назабени по работ, плитко поделени на три до пет лобуси.
Цветовите се осамени на кратки стебленца или распоредени во кратки групирани соцветија во пазувите на листовите, светло розеви или бели, прашниците темноцрвени. Цвета од јуни до септември. Плодови се обраснати со влакна.
Белиот слез е широко распространет во Европа, Азија, Северна Африка, источниот дел од Северна Америка. Во многу земји се одгледува за производство на лекови. Расте на влажни ливади, покрај бреговите на реките, во влажни грмушки, клисури, на солени почви, како плевел.
Што се користи од бел слез?
Се собираат коренот, листот и цветот. Коренот се вади од едногодишните растенија наесен, во текот на октомври и ноември, бидејќи тогаш ја содржи најдобрата слуз. Може да се бере и на пролет (март), пред да се развие растението. Извадените корени се мијат, се лупат, се сечат на ситни коцки и потоа се сушат. Коренот од бел слез е благ по вкус и лигав. Листот се бере пред или за време на цветањето, т.е. во јули и август. Цветовите се берат во пупката пред да процветаат.
Коренот од бел слез содржи многу слуз (над 10%), скроб, сахароза, масло, танини, пектин, аспарагин, лецитин, фосфати, фитостероли. Најмногу слуз има во есенскиот корен. Коренот и надземните делови на растението содржат мешавина од флавоноидни и кумарински хетерозиди.
Се користи при лечење на дишните органи и против кашлица. Сувите листови се користат во вид на чај за плакнење на устата и грлото. Свежо згмечена билка се користи како облога на повредено место.
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката храната како лек, како и нашите социјални мрежи Facebook и Viber.