За заштита на климата месото треба да поскапи, а овошјето и зеленчукот да поевтинат. Еколошките производи и услугите да бидат ослободени од ДДВ. Истовремено државата да престане да го субвенционира она што е штетно. Ова се предлозите на Германската агенција за животна средина (УБА).
УБА предлага реформа чија суштина е прилагодување на данокот на додадена вредност на еколошките и социјалните критериуми. Патувањето со автобус и воз треба да биде поевтино, изјави претседателот на УБА, Дирк Меснер, пренесува ДПА.
Агенцијата наведува дека основната растителна храна како овошје, зеленчук, производи од житарки и растителни масла, како и јавниот превоз треба целосно да бидат ослободени од ДДВ. Ова ги олеснува приватните домаќинства во Германија за околу шест милијарди евра вкупно годишно.
Треба да се укине и ДДВ за системите за сончева енергија. Оптимизацијата на системите за греење и поправка да се оданочува со седум отсто, наместо со 19 отсто.
Да се зголеми оданочувањето на производите од животинско потекло
УБА предлага подоцна и постепено да се укинуваат субвенциите за еколошки штетни производи. Ова особено се однесува на намалениот ДДВ од седум отсто на месото и другите животински производи. Тие во иднина треба да се оданочуваат со редовни 19 отсто. Растителните производи се многу помалку штетни за климата отколку храната од животинско потекло, па овие мерки би помогнале вво заштита на климата, заклучува германската агенција.
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката Агро вести, како и нашите групи на Facebook и Viber.