Тел: +38975383796 Е-пошта [email protected]

1.8 C
Skopje
Saturday, November 23, 2024

More
    домаАгро колумнаАФРИКАНСКАТА ЧУМА КАЈ СВИЊИТЕ

    АФРИКАНСКАТА ЧУМА КАЈ СВИЊИТЕ

    petel baner

    АФРИКАНСКАТА ЧУМА КАЈ СВИЊИТЕ: ЕПИЗООТИОЛОГИЈА И КОНТРОЛА

    Производството на свињи во Северна Македонија има големо значење заради
    големата важност на свинското месо во исхраната на населението и за преработка во
    финални прехранбени производи. Секторот свињарство јасно е поделен на традиционални мали фамилијарни одгледувалишта на свињи и индустриски одгледувалишта со голем капацитет, кои најчесто имаат затворен систем за одгледување свињи.

    Otkup na kompiri

    Секако, не смее да се заборави фактот дека свињарското производство е во постојан подем и малите фамилијарни фарми прераснуваат во фарми со средна големина кои практикуваат затворен систем на производство, односно имаат репродуктивни грла (маторици и нерези), прасиња и товеници.

    Од аспект на економскиот развој во руралните средини, производството на свинско месо во мали традиционални фарми има изразена социјална компонента и претставува главен извор на финансиски средства за непречено образование, медицинско лекување и мали инвестиции.

    Последните две години свињарското производство се соочува со голем епизоотиолошки предизвик заради појавата и потврденото присуство на вирусот на
    африканската чума кај свињите на територијата на Република Северна Македонија.

    На почетокот мора да се потенцира фактот дека болеста е исклучително патогена за свињите и резултира со 100% смртност. Другите видови животни не се приемливи за болеста и имаат природна резистентност.

    Иако за вирусот на африканската чума кај свињите е карактеристична висока стапка на смртност (најголем број од заразените животни умираат), болеста ги нема карактеристиките како во случај на другите преку-гранични болести, на пример Шап и лигавка, туку во стадото свињи се пренесува бавно и постои можност некои животни да останат незаразени.

    Вирусот кој ја предизвикува африканската чума кај свињите воопшто не е патоген за луѓето и кај нив не предизвикува болест. Токму заради тој факт, луѓето се главен вектор за пренесување на болеста од едно во друго одгледувалиште за свињи.

    Првпат болеста е дијагностицирана во Јужна Африка каде се смета за ендемична болест. Во периодот 1960-1980 година болеста е внесена во Европа и Америка. Подоцна е искоренета во многу држави на европскиот континент и Јужна Америка (Куба, Доминиканската Република, Бразил и Хаити), освен во Италија и Сардинија, каде болеста се смета за ендемична. Во периодот 2007-2009 година болеста забрзано се шири во Грузија (изолиран е сој кој потекнува од Јужна Африка), а од таму се шири во Ерменија, Руската Федерација, Азербејџан и Иран. Во 2012-2013 година, болеста е регистрирана во Украина и Белорусија. Понатаму, во периодот од 2014 до 2022 година, болеста е регистрирана во земјите од западна и јужна Европа, како Естонија, Латвија, Полска, Молдавија, Белгија, Бугарија, Унгарија, Чешка, Словачка, Србија, Германија, Грција, Италија. Во 2018 година болеста е регистрирана и во Кина, а подоцна и во Виетнам, Монголија, Камбоџа, Кореја, Лаос, Мјанмар, Филипини, Индонезија, Малезија, Тајланд.

    Болеста во Република Северна Македонија за прв пат е регистрирана 2022 година во реонот на Делчево, Македонска Каменица и Виница.

    Најнови жаришта на болеста има во општина Ранковце, Крива Паланка, Делчево, општина Чешиново-Облешево и општина Карбинци. Болеста во соседна Бугарија била регистрирана во 2018 година, со што на фармите во Северна Македонија, започнувајќи од 2019 година, беа превземени засилени биосигурносни мерки. Во соседна Србија болеста африканска чума кај свињите прв пат е пријавена во 2020 година кога биле регистрирани 40 жаришта на болеста. Самата природа на ширење на болеста преку контакт на здрави со заболени животни придонесува болеста од соседните држави Бугарија и Србија, да се прелее и на територијата на Република Северна Македонија.

    Особено загрижува фактот дека вирусот на африканската чума кај свињите може да навлезе во големите одгледувалишта на свињи каде предизвикува огромна економска штета.

    Кон крајот на 2023 година се случи она од што најмногу стравувавме и болеста беше евидентирана во една од најголемите фарми за производство на свињи во околината на Штип, која задоволува 20% од потребите за свинско месо на пазарите ширум државата.

    Тоа предизвика турбуленција на пазарот на свинско месо и на удар беа потрошувачите кога се појави недостаток на свинско месо а неговата цена порасна за околу 15%. Болеста е евидентирана во многу други држави во Европа, вклучително и држави со најголемо производство на свињи, како Белгија, Холандија,
    Полска, Романија и Чешка. Африканската чума кај свињите моментално е раширена во
    Супсахариска Африка, Источна Европа, Кавкаскиот Регион и на островот Сардинија. Со зголемената циркулација на вирусот на африканската чума кај свињите, се зголемува и глобалната загриженост дека вирусот ќе се шири во останатите делови на планетата.
    Секоја држава со развиено свињарско производство е изложена на ризик, а историјата
    покажа дека болеста има способност да прескокне илјадници километри и да се појави во држави кои претходно биле слободни од болеста, најчесто преку контаминирано месо кое пристигнува од странство преку воздушен или морски сообраќај, месо кое е неправилно уништено или месо пренесено од страна на патниците.

    Со примена на строги биосигурносни протоколи, голем број од државите прогласиле крај на ширењето на болеста на нивната територија во одреден временски период, но има и примери кога болеста повторно е регистрирана во подрачјата кои биле прогласени за слободни од заразата. Таков е случајот со Чешка, кога болеста не била регистрирана во период од 3 години по последниот пријавен случај и потоа се регистрирани повторно нови жаришта на болеста.
    Контролата на африканската чума кај свињите се спроведува на три нивоа: примена на биосигурносни мерки, рано откривање и брза реакција.

    Големите индустриски фарми во тој поглед на систематски начин ги спроведуваат сите неопходни биосигурносни мерки, додека малите фармери не секогаш имаат знаења и можности за спроведување на мерките со цел спречување на ширење на заразни болести.

    Од тој аспект, малите семејни фарми носат поголем ризик за ширење на африканската чума кај свињите во споредба со големите индустријализирани фарми.

    Навремената брза реакција во случај на појава на одредена заразна болест овозможува ефикасно спроведување на мерките за контрола на болестите кај свињите, а со тоа и нивно побрзо искоренување, што е важно за намалување на штетното економско влијание кое болестите кај животните може да го предизвикаат во производството.

    Последните години се случија значителни промени во концептот на одгледување на свињи. Така, големите индустриски и малите семејни фарми воведоа современи зоотехнички методи, првенствено со поефикасно користење на расположливите биолошки капацитети и примена на современите научни достигнувања во
    областа на генетиката, селекцијата, репродукцијата, исхраната и воведување на
    биосигурносни мерки во одгледувалиштата за свињи.

    Главен вектор за пренесување на болеста се дивите свињи кои се резервоар на болеста, но и крлежите (род Ornithodoros) се преносители на вирусот заради
    паразитарниот начин на хранење од заболени на здрави единки. Инфекцијата настанува по орален пат преку храна и вода, а не се исклучени и другите начини на директен контакт меѓу животните. Во организмот на заболените единки, вирусот се наоѓа во сите органи и во крвта, а го излачуваат во надворешната средина преку исцедокот од носот и устата, како и урината и фецесот.

    Механички, вирусот се пренесува преку инсектите, глодарите и човекот.

    Резервоари на вирусот се дивите свињи кои заболуваат најчесто во латентен облик. Дивите свињи може да ја прошират болеста територијално на оддалеченост од 4 километри, додека годишно заради начинот на движење може да ја прошират болеста на територија од 20 километри.

    Популацијата на диви свињи може да се контролира на територија од 3-4 km 2 . Доколку постои ширење на заразата преку дивите свињи на растојание од 40 до 70 километри, тогаш многу тешко се врши контрола на болеста и треба само да се прати нејзиното ширење.

    Спонтаното пренесување на вирусот на африканската чума кај свињите преку популацијата на диви свињи се спречува кога има 1 единка дива свиња на 1 km 2 . Болеста тешко се става под контрола заради високата вирулентност на вирусот и бидејќи не постои можност за имунопрофилакса со вакцинација заради фактот што не постои ефикасна вакцина.

    Слабите имуногени својства на вирусот како и антигената разновидност се причина за непостоење на вакцина.
    Постојат некои обиди во Виетнам да се направи вакцина против вирусот на африканската чума кај свињите, но нема официјални резултати за нејзината ефикасност во создавањето на солиден имунитет кај приемливите животни што ќе овозможи прекинување на синџирот на пренесување на болеста.
    За жал, најновите информации од регинот на Западен Балкан укажуваат на фактот дека болеста жестоко се шири и се регистрирани нови жаришта на болеста.

    Така, во 2023 година на територијата на Република Србија регистрирани се дури 2500 жаришта на болеста што укажува на долготрајно присуство на вирусот во регионот на Балканскиот полуостров. Секторот свињарство мора да биде спремен да овозможи континуирано производство на свинско месо во услови кога болеста ќе биде присутна во околината на големите одгледувалишта.

    Едно жариште на болеста африканска чума кај свињита да се прогласи слободно од заразата и повторно да може во промет да се стават свињи од одгледувалишта во тоа подрачје мора да поминат два циклуса од 21 ден, или 42 дена кога нема да биде евидентирана заболена свиња.

    Во ширењето на заразата голема улога има и тоа што вирусот е многу отпорен во надворешни услови и останува активен со години.

    Со цел согледување на опасностите кои ги носи болеста, во прилог се некои кратки
    информации за клиничката слика на африканската чума кај свињите.

    Причинител на болеста е вирус кој припаѓа на родот Ornithodorus. Носител на генетската информација е двојно-синџиреста ДНК и е единствено познат ДНК-вирус кој како вектор за пренесување ги користи артроподите (arbovirus).

    Вирусот е многу отпорен во надворешна средина, особено доколку има зголемено присуство на протеини. Затоа, вирусот долго време ја задржува својата активност во месо и мрша од угинати животни. Во фекалии ја задржува активноста и до 10 дена, во урина 7 дена. Токму одржливоста на вирусот во свинско месо и преработки од свинско месо е главна причина за ширење на болеста преку меѓународната трговија.

    Така, вирусот ја задржува активноста во свежо месо 105 денови, 300 денови во пушено месо и 1000 денови во замрзнато свинско месо. Варење на свинско месо 20 минути на 60°C го инактивира вирусот. Најновите истражувања изнесуваат податоци дека вирусот на африканската свинска чума се инактивира при варење на точка на вриење во времетраење од 5-10 минути. Од дезинфекционите средства вирусот е
    осетлив на 1-2% натриум хидроксид и 5% варно млеко, кои го уништуваат за 1 час.

    Отпорен е на фенол. Брзо го инактивираат масните растворувачи (хлороформ, етер,
    крезол, бета-пропиолактон, трипсин).
    Инкубацијата трае 5-9 дена, но може да трае и подолго, до 19 денови.
    Излачувањето на вирусот преку секретите (солзи, пливачка, носен исцедок, исцедок од гениталните органи) и екскретите (урина и фецес) од инфицираните животни започнува два дена пред појавата на првите клинички знаци на болеста. Болеста може да има перакутен, акутен, субакутен, хроничен и латентен облик.

    Перакутниот облик се манифестира со температурата до 42°C, животното нема апетит, се јавува апатичност и омалаксаност. Покрај ова се забележува и отежнато дишење. Болеста трае околу 24-48 часа и завршува со смрт.

    Во акутниот облик, температурата е зголемена до 42°C и трае континуирано до пред смртта.

    Покрај општите симптоми, се јавува отежнато дишење (диспнеја), гноен конјунктивит, прво се појавува опстипација која потоа се заменува со дијареја. Кожата на ушите и стомакот, а подоцна и на целото тело е цијанотична. Болеста трае 4-7 дена и завршува со смрт.

    Во субакутниот облик симптомите се послабо изразени, температурата дотигнува до 41°C, животното е апатично, губи апетит и се појавува пареза на задните нозе. Болеста трае 12-25 дена и завршува со смрт.

    Во хроничниот тек, телесната температура повремено се покачува и симнува, животните постепено слабеат, а на зглобовите од екстремитетите се јавуваат едеми. Болеста трае повеќе од година дена, а морталитетот се движи од 15-40%. Латентниот облик е регистриран кај дивите свињи, кои се и резервоари на вирусите.

    Заради антигената варијабилност на вирусот кој ја предизвикува африканската свинска чума, до денес нема ефикасна вакцина која би се користела за имунизација на свињите. Употребата на вакцини направени од живи атенуирани (ослабнати) соеви на вирусот предизвикува несакани ефекти по извршената имунизација, пропратени со појава на хронична форма на болеста.

    Затоа превенцијата и контролата на болеста се базира на спроведувањето на ефикасни биосигурносни мерки, контрола на движењето на свињите и брзо отстранување на заболените животни.
    Системот за рано алармирање при појавата на болеста функционира за навремено
    пријавување на случаи сомнителни на африканска чума кај свињите.

    Прва алка во системот се фармерите кои се обврзани за секој сомнителен случај да го информираат официјалниот ветеринарен доктор, кој понатаму е должен информацијата да ја проследи до инспекциските служби и одговорните лица во Агенцијата за храна и ветеринарство.
    Меѓутоа, се случува фармерите и до месец дена да не забележат дека има заболени свињи во стадото што придонесува за тивко ширење на болеста.

    Доколку ветеринарните доктори само рутински вршат посета на фармата тогаш и тие не можат да го забележат присуството на болеста. Многу е важно да се воспостави редовна соработка меѓу ветеринарните служби (надлежен орган и/или ветеринарните друштва) и сточарите фармери / трговци, во форма на редовни посети и интервенции.

    Кога ќе бидат забележани сомнителни случаи на африканска чума кај свињите во одредено одгледувалиште, мора да постои систем на комуникација меѓу надлежните институции, да се земат мостри и да се однесат на лабораториски преглед за сигурна дијагностика на болеста.

    За лабораториско испитување се испраќаат цели лешеви од угинати мали животни или лимфни јазли, слезина и црн дроб. Лабораториските анализи мора да бидат завршени во рок од 12 часа.
    Забрането е лекување на заболените животни. При избивањето на оваа болест се
    превземаат сите ветеринарно-санитарни мерки и се применува „stamping out” методата кај сите заболени и сомнителни свињи.

    Заради особините на вирусот кој ја предизвикува африканската чума кај свињите
    не може да зборуваме за целосна ерадикација на болеста.

    Најважна алка во спречување на ширење на болеста е зајакнување на биосигурносните мерки на фармите за одгледување свињи.

    Мерките кои мора да се превземат за да се спречи ширењето на болеста често се непопуларни, но неопходни.

    Тие вклучуваат:

    agrounik

     Собирање податоци за фармата и бројната состојба на приемливите животни во
    ризик да бидат инфицирани, со точни географски локации на жариштата;
     Фармите сомнителни на постоење зараза и фармите во радиус од 3 километри
    веднаш се ставаат под карантин, односно во или од фармите не смее да има
    движење на луѓе, возила, животни или производи од свињи се додека не се потврди
    дијагнозата на болеста африканска чума кај свињите;
     Зајакнување на биосигурносните мерки на фармата и воспоставување на точки за
    дезинфекција на лица и возила при влез и излез од објектите во кои се сместени
    свињите;
     Персоналот и посетителите кои заминуваат од фармата мора да користат облека и
    обувки кои претходно се правилно дезинфицирани. Доколку ветеринар или друго
    официјално лице треба да дојде во контакт со заразените свињи или потенцијално
    заразените свињи, треба да користи лична заштита опрема. Дури и во случај на
    соодветно чистење и дезинфекција, персоналот кој учествува во истражувањата на
    жариштата на потенцијално заразени фарми не смее да посети друга фарма во
    период од најмалку 24 часа со цел да спречи евентуално ширење на болеста;
     Систематско спроведување на клиничка инспекција на секој дел од фармата,
    клиничко испитување на животните кои се под сомнеж (со приоритет на животните
    кои манифестираат клинички знаци на болеста) и аутопсија на мртвите (или
    евтаназирани) животни. Важно е наодите да се евидентираат во претходно
    подготвени формулари и паралелно со спроведување на испитувањето;
     Депопулација и нештетно отстранување на свињите од епидемиолошкото жариште
    во радиус од 3 километри кои не ги задоволуваат минимум биосигурносните
    мерки, а свињите од поголемите фарми во епидемиолошкото подрачје да се
    предадат за колење во посебно определени санитарни кланици. Месото од таквите
    свињи да се користи исклучително за преработка;
     Депопулација и принудно колење на здрави свињи од одгледувалишта во областа
    на санитарна контрола во радиус од 10 километри од жариштето каде е утврдена
    болеста;
     Фабриките за сточна храна и кланиците мора активно да се вклучат во
    спроведување на биосигурносните мерки. Мора да се обезбедат одвоени коридори
    за достава на храна на фармите, камионите не смеат да дојдат во контакт со
    објектите каде се сместени свињите, мора да постојат посебни коридори за утовар и
    претовар на свињи;
     Засилена контрола од страна на Министерство за внатрешни работи како поддршка
    на Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со надлежните официјални
    ветеринари, со цел интензивни контроли на дневна основа на патничките и
    товарните возила кои вршат внатрешен превоз на животни;
     Интензивна контрола на граничните премини и на аеродромите во однос на
    личниот багаж на патниците при влез во државата и редовно на дневна основа
    проследување на информации до Агенцијата за храна и ветеринарство за количината и видот на запленетите производи од животинско потекло и нивно
    нештетно отстранување;
     Се додека не се создаде стабилна епидемиолошка состојба, концесионерите на
    ловиштата треба да вршат засилен отстрел на диви свињи и да ја почитуваат
    законската обврска за издавање потврда за потекло на дивеч, делови од дивечот и
    трофеите од дивечот, при што контролата да се врши во присуство на официјален
    ветеринар. На ловиштата во кои се забранува ловот концесионерите мора да вршат
    редовно пребарување за пронаоѓање на угинати диви свињи и истите да ги пријават
    на надлежните официјални ветеринари за земање примероци за лабораториско
    испитување;
     Подигнување на нивото на свесност, заедно со давањето информации/техничка
    помош и обука на сите релевантни засегнати страни, претставува меѓусекторски
    пристап со директно позитивно влијание во имплементацијата на сите дејствија за
    превенција, контрола и надзор на болеста африканска чума кај свињите.
    Подигнување на нивото на свест им помага на производителите на свињи да
    превземаат брзи и ефикасни одлуки кога ги применуваат мерките на превенција и
    контрола на болеста.

    Надоместокот на штетата за фармерите претставува мерка
    која ја јакне довербата и институционалната соработка во насока на спречување на ширење на болеста африканска чума кај свињите.

    Prostor za reklama na zemjodelie.mk

    АФРИКАНСКАТА ЧУМА КАЈ СВИЊИТЕ: ЕПИЗООТИОЛОГИЈА И КОНТРОЛА

    Проф. Д-р Димитар Наков
    Вонреден професор на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Земјоделски факултет, Катедра за прехранбена технологија и преработка на анимални производи

    Придружете се во нашата заедница на Земјоделие.мк на ВиберТелеграмФејсбук бидете дел од најголемето земјоделско семејство во кое сте секогаш добредојдени

    Доколку нешто продавате или купувате посетете го огласникот WWW.PETEL.MK

    tigar.mk baner
    spot_img
    МОЖЕ БИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА...
    МОЖЕ БИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА...
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img