Сакате да чувате кози? Козата по природа е темпераментно животно. Оваа одлика се изразува преку постојана потреба за движење. Козите секогаш треба да се чуваат според принципите на слободен начин на чување. Најчест е пасниот начин на чување, каде што поголемиот дел од денот го поминуваат на пасење, надвор од затворениот простор.
Генетскиот потенцијал на козите за производство на млеко и месо може целосно да се изрази само во оптимални услови за сместување, исхрана и нега, без разлика дали станува збор за чување на една или за чување на голем број кози.
Квалитетен објект со опрема е основа за здравјето на животните, а со тоа и за попродуктивно производство. Доколку сакате да чувате кози кога градите објекти, треба да обрнете внимание на: локација, големината на површината на подот, висината на покривот, материјалот за подот, покривот и sидовите, сè со цел да се обезбедат соодветни микроклиматски услови.
Градење на козарник
При планирање на козарник, мора да се земат предвид климатските услови во областа каде што се гради. Особено надморска височина, месечна и годишна температура, ветрови, врнежи итн. Козарник треба да се гради на суво и повишено место.
Козарник треба да се гради во правец исток-југоисток или во постудени зони во правец југ. Локацијата не смее да биде во долина со чести магли, ниту на место со силни ветрови. Важно е да се обезбеди доволно простор за животните, да биде топло, суво, со циркулација на воздух, добро осветлено и без ветрови.
Подот е најдобро да е од набиена глина. Ако станува збор за водонепропустлив терен, потребно е да се изврши дренажа со слој чакал. Подот исто така може да биде направен од дрво, но поради трошоците, тој се користи поретко. Бетонските и камени подови не се пожелни затоа што се ладни и ја задржуваат влагата (ги зголемуваат болестите кај козите). Леглото да биде суво и топло, што се постигнува со сламена подлога (0,5 кг слама по возрасна коза и 0,3 кг по јаре).
Висината на објектот е околу 3 метри, во зависност од бројот на животни и климата во регионот. Ѕидовите обично се изградени од цигла, а исто така можат да бидат и од дрво. Покривот е изграден од дрвена конструкција, покриен со ќерамиди или салонитни табли под кои е пожелна изолација.
Планираната површина на подот зависи од бројот на животни и опрема во неа (корита за пиење, јасли, сали за молзење, простор за концентрати итн.). За возрасни кози, потребната површина е од 1,2 до 1,5м² + 0,35м² за јасли, за јариња е 0,3м² или 1,8 – 2,2м² за кози и јариња.
Опремување на козарникот
Основната опрема во козарник се состои од: јасли, корита за напојување, помошни огради и поилки. Јаслите може да имаат различни форми: подвижни, неподвижни, со вертикални или наклонети летви, со или без корито на концентрат на дното. Просторот за хранење за возрасно животно е 0,35 – 0,4 метри, а за јариња 0,1 – 0,2 м.
Од двете страни на зградата мора да има прозорци, чија вкупна површина е еднаква на 1/12 – 1/15 од вкупната површина на подот. Вратите се инсталираат на предните sидови, двокрилни, чија широчина е 2,5 – 3 м, а висината 2,5 м.
Излезот е изграден веднаш до подолгата страна на зградата и треба да биде барем на иста површина со зградата. Салите за молзење се градат во рамките на зградата (што денес е поретко поради мирисот на млеко) и како посебна зграда. Како дел од фармата за кози, потребни се простории за прием на млеко и просторија за концентрирани хранливи материи.
Температурата во козарникот за време на јарење не смее да биде пониска од 15 °С. Размената на воздухот и регулацијата на температурата најчесто се изведуваат со употреба на комбинирани системи за вентилација.
Можеби ќе бе интересира: Протеините од козјо млеко се ефикасни во борбата против КОВИД-19!
За повеќе корисни стории посетете ја рубриката Агро училница, како и нашите социјални мрежи Facebook и Viber.