Вргањ се смета за една од најквалитетни печурки, во однос на вкусот и хранливоста, па затоа често е наречен и крал на печурките.
Вргањот расте во листопадни и зимзелени шуми и се карактеризира со бело-кафена боја на ,,чадорчето’’ и дршка која се задебелува од горе надолу.
Еден од начините, како да ги сочувате печурките подолго време е да ги исушите.
Сушените печурки, па дури и сите јадења направени од сушени печурки можат да се наречат гурмански. Тие имаат посебен вкус и арома, а особено се убави сушените вргањи. Сушењето не го намалува нивниот вкус и квалитети.
– За сушење секогаш користете здравите и цврсти печурки. Добро избришете ги (никако немојте да ги миете), просушете ги и исечете ги на тенки кришки.
– Наредете ги на чиста решетка или на крпа и оставете ги на сонце да се сушат. Можете да ги ставите и одозгора на печката, а исто така се сушат и во сенка на промаја. Кога се сушат на отворено, печурките треба да се покријат со чиста газа за да се заштитат од муви кои обично се привлекувани од мирисот.
– Вргањот можете да го исушите и во рерна на температура од 50-60 степени Целзиусови. При тоа рерната мора да биде отворена и да биде уклучен вентилаторот цело време додека трае сушењето.
– Вргањот се суши се додека вкупната тежина не се намали десет пати во однос на почетната.
– Исушените печурки ставете ги во чисти тегли и херметички затворете ги. Чувајте ги на суво и темно место. Можете да ги ставите и во книжни кеси наместо во тегли и така да ги чувате.
Многу е важно сувите вргањи да ги заштитите од влага, бидејќи можат да муфлосаат. Вака исушените и правилно чуваните печурки можат да се користат дури една година.
За повеќе корисни стории посетете ја страната на zemjodelie.mk, како и Земјоделските групи на Facebook и Вибер.