Се сеќавате ли како почна сето ова?
Писмо од Земјоделие.мк — речиси шест години подоцна
Здраво живо, Земјоделци и Земјоделки,
Земјоделие.мк не е од вчера. Сè почна уште во далечната 2020 година — кога никој од нас не знаеше во што се впуштаме, а најмалку дека еден ден ќе израсне во вакво нешто. Речиси шест години поминаа оттогаш, и патот не беше ни малку рамен.
Пред некој ден наидов на еден наш стар текст. Беше објавен на 24 март 2022 година, се викаше „Тимот на земјоделие.мк се враќа” — зашто токму тогаш замалку се откажавме. Бевме уморни, разочарани, малку не фати мрза, си рековме дека само си го трошиме времето а ништо не заработуваме, дека сме си создале по некој непријател, ама и богами по некој искрен пријател. И сепак, наместо да дигнеме раце, седнавме и напишавме една реченица што и денес ме фаќа за срце:
„Немаме некои возвишени идеи и цели, туку само да се дружиме, забавуваме и помагаме меѓусебно.”
Денес, кога го читам тоа, морам да се насмеам. Зашто токму тие „невозвишени” цели се покажаа како најголемите. И добро што не се откажавме тогаш.
Тоа беше моментот во кој можевме да запреме засекогаш — ама вашата поддршка не извлече од зимскиот сон и не натера да продолжиме. Истата таа поддршка не држи будни сè уште. Само што во меѓувреме нараснавме повеќе отколку што некогаш се осмеливме да сонуваме.
Од еден мал сајт на кој скромно „чукавме по тастатуриве” станавме заедница од над 140.000 луѓе на Фејсбук групата, страница која месечно ја гледаат милиони, Viber заедница со илјадници членови, и платформа што секојдневно носи цени од пазарите, совети за заштита, искуства од терен и понекоја добра расправија. Дури добивме и наша Стојна — агро асистент што одговара на прашања во секое доба од денот, нешто што пред неколку години звучеше како научна фантастика.
Но најголемото богатство не се бројките. Најголемото богатство сте ВИЕ.
И затоа, од срце, сакам да им заблагодарам на сите што нè поддржуваат сите овие години — на секој што напишал коментар, споделил совет, поставил прашање или помогнал на непознат човек од другиот крај на државата само затоа што му било гајле. Вие докажавте дека постои нешто што се вика заедница — јака, сложна, обединета. Место каде што нема кавги и поделби, туку слога, разбирање и заеднички напредок. Место каде што постариот земјоделец го учи помладиот, каде што искуството се дели бесплатно, и каде што секој е добредојден.
И тука сакам да бидам сосема јасен: оваа земја, оваа наша Македонија, е дом на сите нас. На Македонци, на Албанци, на Турци, на Роми, на Власи, на Срби, на Бошњаци — на секого што ја работи земјата и живее од својот труд. Кога ќе зачекориш на нива, нема да те праша никој каков си, ниту на кој јазик се молиш. Земјата ги храни сите еднакво, и потта над неа има иста вредност без разлика чија е. Токму затоа во нашата заедница нема место за поделби — има само почит спрема секого што го сака овој рурален живот и работи чесно за својот лебец. Тоа е нашата сила, и тоа е најубавото лице на Македонија.
И знаете што е најубаво? Во време кога ни се чини дека сè во светов и во Македонија оди наопаку, кога секаде слушаме дека „ние како народ не сме за никаде” — еко-системот на Земјоделие.мк стои тука како жив доказ дека тоа не е вистина. Дека кога ќе се обединиме, ние во оваа земја умееме да си помагаме, да се почитуваме и да градиме нешто што функционира беспрекорно, со висок морал и со чисто срце. Не за пари, не за слава — туку затоа што така треба, затоа што така нè учеле дедовците и бабите.
Тоа е нашата најголема победа. Не сајтот, не бројките — туку фактот дека докажавме оти можеме. Дека оваа земја, со сите свои луѓе, вреди и умее.
Што ни носи иднината?
Сакаме Стојна да стане вистински дигитален придружник за животот на село — не само за земјоделците, туку и за сите што го сакаат руралниот живот. Сакаме повеќе вистински приказни од терен, повеќе корисни анализи кои навистина ви помагаат, и платформа што останува ваша, чесна и независна.
Нема да ветувам дека сè ќе биде совршено — никогаш не сме биле такви. Ама ветувам дека духот ќе остане ист како на оној ден кога замалку се откажавме, па сепак продолживме: со многу труд, малку хумор и огромна благодарност кон вас.
Ви благодариме што сте со нас сите овие години. Да сте живи и здрави. И да останеме обединети — зашто заедно, сите ние, сме посилни од било кое лошо време.
Само Рурално.

















